Don't Miss
Home / Uncategorized / Планинарите сами ќе го обновуваат Копанки!

Планинарите сами ќе го обновуваат Копанки!

Ако се суди според преписката која во изминатите денови се води меѓу планинарскиот клуб Пелистер и локалната самоуправа, по се изгледа дека до компромис нема да дојде и планинарите сами ќе го обновуваат домот “Копанки“, кој изгоре до темел пред 5 години.

Во врска со последните случувања околу реконструкцијата на планинарскиот до Копанки со официјално соопштение се јавија од планинарскиот клуб Пелистер.

Во соопштението испратено до битолската и пошироката јавност, кое го објавуваме во интегрален дел, се вели.

-По низата шпекулации, дезинформации и конкретни чекори на поединци, организации и институции во правец на попречување на обновата на Планинарскиот дом „Копанки”, а заради целосно информирање на јавноста, Здружението планинарски спортски клуб „Пелистер” одлучи да излезе со ова соопштение.

Веројатно инспирирани од лични амбиции за приграбување на имотот на ПСК „Пелистер”, членовите на едно новоформирно здружение на кое му подадовме рака веднаш по неговото формирање, сега ја доведуваат во прашање сопственоста на Планинарскиот дом „Копанки”. Истите, во таа негативна медиумска кампања, соопштенија за јавност, фејсбук-постови и коментари, се поддржани од еден пратеник во Собранието на Република Македонија( Горан Милевски) кој директно и фамилијарно е поврзан со таа групација.

Во нивните обраќања се споменуваат плацеви, хотели, лична сопственост (тоа што веројатно тие го посакуваат), а не можат, или не сакаат да разберат, дека оваа генерација на битолски планинари од ПСК „Пелистер” и покрај тоа што поседуваат неспорен правен континуитет и целосна документација за имотот на клубот, не се сопственици во смисол на кој што тие го посакуваат, туку само негови чувари. Вистинските сопственици се генерациите пред нас, сегашните, но и идните генерации планинари и граѓаните на Битола. Како чувари на тој имот имаме обврска да го одбраниме од било кого, без разлика дали е во прашање поединец, група или институција.

Воедно сакаме и да го поздравиме Заклучокот на Советот на Општина Битола, за конечно согледаната потреба за обнова на Планинарскиот дом „Копанки”, но истовремено и да искажеме несогласување со некои акценти од истиот. Доколку претходно бевме исконтактирани, што и побаравме во писмениот допис до градоначалничката на Општина Битола од 12.06.2018 год. веруваме дека Заклучокот ќе беше поквалитетен и спроведлив, без потреба од негова измена и со конкретни активности во правец на обнова на „Копанки”, а се тоа во интерес на граѓаните на Битола. Што ќе објасневме на средбата која досега не се случи?

Го побиваме аргументот дека општината не може да издвои средства за обнова на опожарениот планинарски дом. Имено во Законот за локална самоуправа при дефинирање на надлежностите на општината во чл.22, став 1, точка 6, децидно е опишана обврската на општината да ги подржи: „Спортот и рекреацијата – развојот на масовниот спорт и рекреативните активности; Организирањето на спортски приредби и манифестации; Одржувањето и изградбата на објекти за спорт; поддршка на спортски сојузи;”

Во чл. 24, е утврден Начинот на извршување на надлежностите, а во став 2 децидно е напишано:

„Општината може да го делегира вршењето на одредени работи од јавен интерес од локално значење на други правни или физички лица, врз основа на договор за извршување на работи од јавен интерес, во согласност со закон”. Кој дел од правните норми не е јасен за „советниците” на градоначалничката е прашање кое го поставуваме, а кое треба и таа ним да им го постави. Ако планинарењето не е масовен спорт, не знаеме кој спорт е.

Со договорот помеѓу ПСК „Пелистер” и Општина Битола, опишан во чл.24, став 2, од Законот за локална самоуправа, ќе предложевме да се обврземе бесплатно да обезбедиме 10.000 ноќевања на деца од битолските основни училиста, што во услови на нефункционално детско одморалиште на Пелистер ќе ја подобреше севкупната состојба во таа сфера, посебно во делот на одржување на настава во природа, престој на нашите деца во здрава средина, запознавање со планината и планинарството и др.. Во листата на надлежности според Законот за локална самоуправа, основното образование и грижата за децата се обврски на општината. Потоа, за потреба на Општина Битола, ќе понудевме бесплатен простор за одржување на семинари, работилници, сместување на учесниците, организирање на посети до маркантни точки на планината, креирање на програма за тнр. тим-билдинг и др.

Таа понуда ќе важеше за потребите на општината или донирана од општината за други невладини организации, или институции кои за таква намена бараат финансиска помош. Што има во сите овие размислувања спорно? Треба само желба да се слушнат предлозите!    Наместо дијалог, наместо отворена јавна расправа, добиваме предлози кои не се прифатливи, кои се неодржливи, а добиваме и попречување и пласирање на невистини за кое не сакаме да веруваме дека е инспирирано од некој центар на економска и политичка моќ. До кога ние  битолчани ќе се јадеме меѓу себе, и за што? По сите овие изнесени аргументи од наша страна, покажаната добра волја за соработка и подготвеноста за средба со градоначалничката, можеме да побараме само едно: Помогнете доколу сакате (а дека можете, можете, како што градоначалникот на Скопје кој овие денови јавно вети дека ќе го обнови планинарскиот дом „Водно” на Планинарскиот клуб „Бистра” од Скопје), но немојте да не спречувате, не ни отежнувајте.

Копанки ќе се обнови! Работиме чесно и транспарентно, со јавно објавени податоци, со изграден механизам на контрола и три поврзани потписи за наменската сметка за обнова на домот. Тој своевиден манастир на македонското планинарство, изграден од нашите претходници, ќе го обновиме во полн сјај со помош на граѓаните, други невладини организации и фирмите од регионот и државата кои ја препознаа благородната идеја.

„Копанки за сите, сите за Копанки“ се вели во соопштението на ПСК Пелистер, испратено од нашата редакција и јавноста на Битола и пошироко.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*