Don't Miss
Home / Колумни / Звуците и пораките од Хераклеја

Звуците и пораките од Хераклеја

Во четвртокот на 16 август,  во античкиот театар Хераклеја се одржа долго очекуваниот концерт на светски познатиот бенд Њујорк Џипси Олл Старс и битолскиот виртуоз на кларинет Исмаил Луамновски – Смајко, кои под покровителство на Општината Битола го организира битолското комерцијално радио “ Б-97”.

Во изминатите неколку дена, по одржувањето на концертот за  настанот се напишаа многу работи. Речиси сите до еден беа едногласни во оценката дека  таков  квалитетен концерт во Битола не е виден во изминатите неколку децении.

Исмаил Лумановски  Смајко на Хераклеја покажа и докажа дека е светски музичар и дека тој најдобро зборува преку кларинетот.

На овој концерт се надминаа себеси и останатите членови на групата Њујорк Џипси Олл Старс.

Но повод за овој текст не е концертот на Исмаил Лумановски.

Повод за оваа колумна се пораките кои беа испратени од вечната Хераклеја.

Во последно време сме сведоци како речиси секое село во Македонија организираат културни лета.

И тоа не е лошо, бидејќи на тој начин на граѓаните во овие топли летни денови им се дава можност  преку културните настани, или музички настапи да се “разладат “ од горештините.

Но како по некое непишано правило речиси на сите културни лета кои се органзираат во Македонија, во најголем број шанса да настапат пред македонската публика добиваат фолк ѕвездите од соседна Србија.

Водени од трката за брза заработувачка, најголемиот број организатори на културните лета се обидуваат публиката да ја придобијат со тоа што за гости ги покануваат  главно српските ѕвезди, Аца Лукас, Лепа Брена, Цеца, Шабан Шаулиќ, Северина, Кеба, Ана Бекута…

Иако Македонија важи за земја каде сите, па дури и нашите северни соседи, признаваат дека во Македонија никој не може да се натпреварува во пеење и играње, бидејќи Македонците како нација се надарени и за пеење и за играње, сепак многу малку музичките ѕвезди од Македонија добиваат шанса да бидт главни на културните лета.

За разлика од нив годинава, општината Битола им даде шанса токму на битолчани да се претстават пред своите сограѓани на годинашното културно лето “ Бит Фест 2018”

По  македонската легенда Виолета Томовска во Битола целовечерен концерт доби шанса да одржи и Исмаил Лумановски Смајко,  кој како дете сонуваше да настапи со својот бенд на Хераклеја.

Инспириран од големата детска желба и укажаната можност  да има свој цонцерт на Хераклеја, тој заедно својот бенд се надмина себеси и одржа концерт кој долго време ќе се  памети.

Токму таа огромна желба на Хераклеја да се престави пред своите сограѓани беше пресудно не само тој, туку и неговите колеги од групата, како и организаторот  на концертот Радио “Б -97” и покровителот, градоначалничката Наташа Петровска во минут до 12 да преземат ризик и да одлучат  и покрај врнежливото време концертот да се одржи на Хераклеја.

Кога со членовите на групата дискутиравме кој потег да го преземиме тие беа децидни и рекоа: Смајко ние дојдовме  од Њујорк да свириме на Хераклеја и нема остапување, па ако треба громови да паѓаат.

Иста одлука донесоа и останатите учесници  вклучени во организацијата.

Како човек кој го организираше концертот имав можност неколку дена да се дружам со членовите на групата, да  ги гледам нивните проби пред настапот.

Беше навистина задоволство да се види со каква љубов за Битола,  Хераклеја и битолската публика зборуваше басистот, Грк по потекло Андреу Панагиотис. Колку само беше воодушевен од Широк Сокак Турчинот Тамер Пинарбаси, како Холанганецот веднаш ги научи на македонски зборовите Хераклеја, Широк Сокак, Скопско… како Австралјанецот Гунајди зборуваше за Хераклеја,  за Битола, за  публиката.

Беше навистина задоволство да се гледа како сите тие  членови на групата, кои доаѓаат од разни земји во светот, и кои немаат проблем како Македонија бидејќи се признати во меѓународната заедница, го слушаат битолчанецот  од Македонија, малиот  Смајко, кој цело време “ диригираше “ со  групата, како брзо ги учат македонските зборови, македонските песни.

Навистина беше задоволство како за само неколку часа проба сите тие се вклопија со Верче од Љубојна и ги научија нејзините  изворни македонски песни.

Дружејќи се со нив, по кој знае кој пат во мојот живот сфатив дека музиката е таа која ги  обединува луѓето од цел свет.

Сите тие иако потекунуваат од разни земји во светот, во Битола дојдоа со една и единствена намера да ја исполнат детската  желба на Смајко и на Хераклеја да се престават пред битолчани.

Иако имаат настапувано во речиси сите светски музички сцени тие сите беа едногласни во оценката дека на настапот на  Хераклеја повеќе ги израдувал дури  и од настапот на Карнеги Хол во Њујорк.

За да се престават во што подобро издание пред сограѓаните на Смајко тие се надминаа себеси. Свиреа буквално од дното на душата и и турчинот Танер и гркот Андраеа и останатите.

Со концертот на Њујорк Џипси Олл Старс се покажа дека Битола, а во таа смисла и Македонија има свои музички ѕвезди кои по ништо не заостануваат зад ѕвездите во Србија. Дури многумина од нив се далеку подобри и понадарени музичари.

Затоа време е организаторите на битолските културни лета да сфатат дека и Битола има свои музички амбасадори, кои не само што треба да се поддржат, туку и да се ангажираат  за тие да се преставуваат пред своите сограѓани.

Трите враќања на бис на Смајко и групат  Њујорк Џипси Олл Старс  на  студеното време се најдобра потврда дека битолчани знаат да ценат што е тоа квалитет, а што шунд.

Во четвртокот на Хераклеја битолчани имаа можност да слушнат светска, но наша музика, за која долго време ќе се(пре)раскажува.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*