Управниот одбор на конститутивната седница одржана на 17 декември 2018 година едногласно донесе автентично толкување на одредбите од Статутот на ЗНМ кои се однесуваат на одржаното Изборно собрание според кое Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, е легитимно избран со мнозинство гласови од редовните членови присутни во моментот на гласањето. Освен ова, Управниот одбор констатираше дека за време на одржувањето на Собранието не беше пристигнат ниту еден приговор за процесот на гласање од страна на присутните членови, ниту од страна на членовите на Верификационата и Изборната комисија. Сите засегнати страни кои што имаат било каков сомнеж во однос на изборната процедура можат да ги употребат достапните правни лекови.
На конститутивната седница присуствуваа сите членови на Управниот одбор и сите одлуки беа донесени едногласно. Одлуката за потврдување на легитимноста на изборот на претседател на ЗНМ се донесе со консензус на сите членови на Управниот одбор, додека Претседателот Младен Чадиковски се иззема од гласањето. На седницата беше предложена и едногласно избрана Фиљана Кока за Заменик претседател на Здружението на новинарите на Македонија.
Членовите одржаа конструктивна дебата за да постигнат заеднички ставови со цел ЗНМ и понатаму да продолжи да го промовира принципот на солидарност како темелен принцип на заедницата.
Управниот одбор повикува на консолидација на членовите со цел да се одржи достоинството и единството како клучни принципи за заштита на интересите на сите членови на ЗНМ. Управниот одбор констатираше дека за сите различни мислења е потребен зајакнат и институционализиран форум за дебата, со оглед на фактот дека и двајцата кандидати за претседател своите програми ги темелеа на поголема вклученост на членството во работата на Здружението преку предложени секции. УО предлага да се разговара со сите засегнати групи во еснафот и формирање секции кои ќе ги претставуваат интересите на тие специфични групи.