Со овации од ресенската публика синоќа беше проследен концертот наречен
„Наздрави за живот, наздрави за љубов“, кој се одржа во кино салата во Ресен.
Организаторот на настанот, Домот на културата „Драги Тозија“, како домаќин,
обезбеди настап на неколку музички групи и неколку солисти, а водител на овој
концерт беше актерот Никола Тодороски.
„Во овие предновогодишни денови, кога секаде се чувствува празничната
атмосфера, сакавме да обезбедиме дополнително музичко уживање за нашите
сограѓани. А секако, тоа е најдобро да се направи со песна и со наздравување за
животот и за љубовта. Токму тоа ни е потребно на сите, да бидеме живи и здрави,
среќни, насмеани и исполнети со љубов.Животот се живее, а во него треба да им
се верува на чувствата, да се користат сите можности и дадени шанси. Љубовта е
најубавото чувство. Тоа што нè исполнува. Ни го прави животот посебен и
единствен. Затоа наздравуваме и за љубовта“, рече директорот на Домот на
културата „Драги Тозија“, Васко Василевски.
На музичката вечер во кино саката настапија „Романтик бенд“ и вокалните
солисти Викторија Чачоровска и Елена Сековска, како и „Акустик бенд“ со
вокалните солисти Ташко Каранфиловски, Гоце Милошевски и Живе Мешуревски,
надополнети со солистите Петар Ангелевски на гајда и Виктор Јованоски на
тапан. Од оваа културна установа најавуваат уште три настани до почетокот на
Новата година.