Годината која штотуку измина, граѓаните на Република Македонија долго време ќе ја паметат.
Но 2018 година сигурно никогаш нема да ја заборават дел од обвинетите за настаните на 27 април, кои наместо да се соочат со долгогодишни затворски казни за насилниот пуч кој пробаа да го направат тој ден, добија амнестија, со што се ослободени од кривичен прогон.
Останатите обвинети, кои ја немаа таа среќа и од чиј глас не зависи усвојувањето на уставните измени, својата невиност ќе мораат да ја докажуваат низ судскиот процес, кој се очекува наскоро да заврши.
За својата слобода најпрво се “изборија” народните избраници, пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски, Љубен Арнаудов и Јохан Тарчуловски, кои по описот и пописот на работните задачи кои ги имаа(т) во Собранието, би требало да се грижат за решавањето на маките и проблемите на граѓаните, а не за своите лични проблеми.
Како што стојат работите иако тие немаат ништо заедничко со обвинението за 27 април, со измените на Кривичниот законик, за својата слобода и слободата на своите најблиски, се изборија и пратеничките Елизабета Канческа Милевска, која е обвинета за злоупотребите на народните пари во “Скопје 2014 “ и Владанка Авировиќ, која води битка да го осободи од затворска казна својот син, Василие Авировиќ, кој заглави во предметот “ Труст”.
Во предвечерјето на Новогодишните и Божикните празници на слобода излегоа и осомничените во предметот “ Империја”, кои наместо во Шутка, празниците ќе ги прослават со своите семејства, во домашна атмосфера.
Црковниот законик, Библијата, не учи дека Христијански е да се простува. На луѓето кои згрешиле, ако се покајат, треба да им се простува. Некои “грешници” кои се огрешиле пред законите би требало и да се помилуваат. Но се чини дека вакво помирување и простување на осомничените и обвинетите за најтешки кривични дела, тероризам, на кои им се закануваат казни од доживотен затвор и злосторничко здружување за тешки финансиски малверзации и криминал не е забележано во македонското правосудство.
Многумина обични граѓани ослободувањето на пратениците за настанатите од 27 април, како и организаторите на државниот удар, го доживеаја како тежок терористички акт врз државата.
По овој чин на амнестија, во Македонија веќе ништо нема да биде исто. Наместо својата невиност и патриотизам да ги докажуваат во македонското судство, осумтемина народни избраници, кои гласаа за уставните измени, со нови уцени, ултиматум и закани, дека доколку не бидат амнестирани нема да гласаат за уставните измени, си ја купија својата слобода.
Владата на Заев наогајќи се меѓу чеканот и наковалната се одлучи да ги амнестира пратениците од кои дел, кои ги отворија вратите во Собранието, се највиновни за тоа што се случи на 27 април во Парламентот. Сега по амнестирањето на учесниците за настаните од 27 април и измените на Кривичниот законик, за амнестирање на Елизабета Канчевска Милевска и синот на пратеничката Владанка Авировиќ, Василие Авировиќ, не знам со која морална одговорност и професионалност судијката Кацарска ќе им суди на дел од останатите обвинети за 27 април, или ќе ги гони за организиран криминал и злоупотреба на службената положба останатите обинети за “ Скопје 2014” ако затворската казна ја избегни “независната “пратеничка, Елизабета Канчевска Милевска.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кога беше во опозиција тврдеше дека кога тргна да ја “бомбардира “ власта и да се бори против режимот на Груевски ја стави главата во торба се со цел да ја донесе слободата во Македонија и дека секој еден кој го прекршил законот ќе мора да ја плати цената.
И навистина, до изгласувањето на Законот за амнестија обичните граѓани имаа(т) чувство дека во Македонија навистина дојде слободата.
Но ако цената за доаѓањето на слободата е ослободување то од одговорност на тие кои на 27 април се обидоа да му го одземат неговиот живот и животот на другите пратеници, кои буквано беа линчовани во Законодавниот дом, тогаш таквата слобода најмалку ни треба, не само нам, туку и нему.
Со амнестијата извршена од страна на претседателот Ѓорге Иванов, кога преку ноќ беа амнестирани и аболирани сите блиски луѓе на власта и “фамилијата” , беше извршен државен удар од страна на претседателот, тврдеше тогаш СДСМ. И по тој чин се крена народот на улица, протестирајќи под паролата “ Нема правда- нема мир”.
По таквите протести на “шарените револуционери “ грешката на Иванов беше исправена.
Но сега, по амнестијата на обвинетите за 27 април и измените на Кривичниот законик Македонија, доживеа нов државен удар.
Иронијата да биде поголема со најновата амнестија, на слобода се пуштија луѓето кои според нивните јавни настапи наводно беа подготвени да ја стават главата во торба, само да не се смени Уставот на Република Македонија и државата да не се преименува во Република Северна Македонија.
Сега истите тие, откако си ја купија слободата, со својот глас ќе гласаат за уставните измени, со кои Република Македонија ќе треба да биде преименувана во Република Северна Македонија.
Такво (веле)”предавство” мислам дека не е забележано во македонската историја.
На крајот како заклучок.
Сите кои ги следат политичките (не)прилики во државата добро знаат и се свесни кој беше условот од Грција да се откочат преговорите за влез во НАТО и ЕУ. Но мислам дека ваквото тргување и ситно пазарење со државните интереси, еден ден скапо ќе не чини. А по ваквата амнестија “испазарена “ како на Кванташки пазар, на македонското, зависно, или независно (право)судство, му запаливме свеќа, но и ја погребавме правната држава.
Кога сега таа ќе воскресне останува да видиме.Но се ми се чини дека на тоа “ воскреснување” сегашната генерација нема биде сведок.