По завршување на билатералните разговори и прес конференцијата на рускиот претседател Владимир Путин со неговиот домаќин српскиот претседтаел Александар Вучиќ во Белград, главна тема на нивната средба беше косовското прашање и енергетиката, поточно гасното поврзување на Србија со Турски тек.
Рускиот претседател изјави дека Русија е подготвена да вложи неопходни ресурси во развојот на гасната инфарструктура во Србија или една милијарда и 400 милини долари, но поврзувањето на Србија со Турски тек, како што кажа Путин, „ќе зависи пред се од одлуката на ЕУ.“
„Јужен тек пропадна не по наша вина. Бугарија искажува заинтересираност за поврзување со Турски тек, кој би одел кон Србија…Ние сме подготвени за ова, за инвестирање и веќе преземавме подготвителни работи. Но, од нас малку што зависи“-изјави рускиот претседател Владимир Путин, додавјќи дека и Турција е заинтересирана за ова прашање.
Во врска со можното посредување на Русија во косовскиот дијалог, Путин изјави дека Русија секогаш активно учествувала во решавањето на ова прашање. Тој посочи дека околу Косово се крши меѓународното право, споменувајќи го како пример формирањето на косовската војска, чин кој е опасен и неправеден.
„Ние ќе работиме со нашите партнери, меѓународното право да биде испочитувано и да се дојде до праведно решение за Косово. Ние внимателно следиме се она што се случува на Косово“-изјави Путин.
Тој оцени дека Москва не е посредник во косовскиот дијалог, туку Брисел и ЕУ, „но за жал малку работи се исполнија од досега договореното, како на пример формирањето на ЗСО“.