-По долгогодишна голгота на блокираните училишта во Битола, сакам да ја информирам јавноста за огромниот успех кој општина Битола го постигна пред почетокот на новата учебна година.
Не така одамна, поточно на 31.12.2017 година, основните училишта во Битиола имаа долгови од околу 180 милиони денари, од кои на средните училишта отпаќаа над 85 милиони денари, или вкупно, училиштата должеа повеќе од 4,3 милиони евра.
Тоа значеше секојдневно соочување со можноста за исклучена струја, проблеми со набавка на нафта за греење , за основни потреби, а за останатите редовни потреби на секое училиште и да не зборувам. Проблем кој го немаше ниту една друга општина во државата.
Денес, по само една година и 9 месеци, долгот на училиштата е значително намален и тоа во основните училишта за повеќе од 105 милиони денари, а во средните училишта долгот е намален за речиси 56 милиони денари.
Со други зборови во овој период се исплатени повеќе од 2,6 милиони евра долгови на училиштата.
Ова го истакна на денешната прес конференција градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, во пресрет на новата учебна година.
Според Петревска од 8-те основни и двете средни училишта кои беа блокирани, остана блокирано само едно основно училиште, кое наскоро ќе биде исто така одблокирано.
– Со парите, што општината ги исплати за наследените долгови, можеше да се изгради еден затворен базен, или да се набават 10 еколошки автобуси.истакна градоначалничката Наташа Петровска.
Дополнително, општината не само што за година и 9 месеци отплатуваше нечии наталожени долгови, туку во истиот период вложуваше инфраструктурно во образовните објекти, кои беа оставени на немилост, во катастрофална состојба, со руинирани училници, неупотребливи тоалети и што уште не.
Општината Битола минатата и оваа година,вложи повеќе од 2,2 милиони денари за подобра инфраструктура во училиштата, а во тек е јавна набавка за санација на објекти во висина од 3,4 милиони денари.
-Во неколку наврати досега сум кажала, но повторно ќе потенцирам, за мене и за општината, образованието останува да биде приоритет број еден. Тоа е нашиот столб, нашиот влог во генерациите што сме ги создале, во нашите деца. Тоа е влог во нашата иднина“, рече градоначалничката м-р Наташа Петровска, на прес конференцијата одржана во Општина Битола.