Соочувањето со реалноста по правило е болно.
Тоа е особено болно, кога очекувањата се големи и проследени со нереален оптимизам, кој главно се потпира на дадени ветувања од други.
Македонија деновиве се соочи со својата по кој знае кој пат болна вистина за недобивање на датум за почеток на преговорите за влез во ЕУ.
И покрај огромниот оптимизам, изразен од премиерот на Владата, Зоран Заев, кој не го напушти ни кога сите во Брисел кренаа раце од можноста да се добие датум, Македонија сепак не доби датум за почеток на преговорите.
Овој пат, патот за ЕУ ни го попречија Франција, Данска и Холандија, кои ставија вето на можноста за добивање датум со образложение дека Македонија сеуште не била доволно реформирана и с(у)редена држава по критериумите на ЕУ.
Иако многумина се обидоа недобивањето на датум за почеток на преговори да го престават како крај на светот, сепак за наша среќа тоа не се случи.
Македонија и по самитот во Брисел, живее исто како и пред одлуката на лидерите на ЕУ во Брисел.
Во изминатите 10 години ниту една препорака на Европската комисија, или Советот на Европа, не беше доволна на Македонија да и се одреди датум за почеток на преговорите.
Но и покрај десетте неуспешни препораки да се добие датум за преговори, сепак македонските политичари, особено од власта, цела деценија не ги напушташе оптимизмот дека на следниот самит ќе добијат препорака.
Но за жал од тоа не се случи ништо.
До неодамнешниот самит во Брисел, причината за недобивањето на датум за почеток на преговорите секогаш беше спорот околу името со Грција.
Но дека не бил само тој спор причина за блокада се покажа деновиве кога вето на почетокот на преговорите ставија Франција, Холандија, Данска, земји, кои последните години не гледаат благонаклонето на македонските реформи.
И наместо недобивањето на датумот да ги обедини сите политички лидери во државата и барем заеднички да изразат сенароден протест против дискриминаторскиот начин на поигрување со државата, партиите се одлучија да се оди на брзи предвремени парламентарни избори, кои ќе се одржат за 6 месеци.
И двете политички партии и коалициони партнери не чекајќи го 12 април за кога се закажани изборите, веќе ја почнаа (пред)изборната кампања, на која ги слушаме истите приказни и пораки кои ги слушаме последните години.
Од (пред)изборните трибини повторно на јавноста власта и испраќа пораки дека реформите се завршена работа и дека наскоро ќе биде исправена историската грешка на Франција и Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите.
На таквите самобендисани изјави на власта, опозицијата која најави “Обнова на Македонија” тврди дека единствениот виновник за недобивањето на датум за почеток на преговорите е власта, предводена од Зоран Заев и урнисаните реформи, особено во судството, со ветување дека кога ВМРО ДПМНЕ ќе дојдело на власт, Македонија безмалку преку ноќ ќе стане членка на ЕУ.
Тоа што загрижува е што и овој пат како и досега, на македонската јавност и се испраќаат оптмистички изјави дека добивањето датум е завршена работа и дека Македонија може да добие датум пред парламентарните избори и дека историската грешка што ја направла Франција мора час поскоро да се поправи и на Македонија да и се одреди датум за преговори.
Таквите оптимистички изјави на некои европратеници, со изминати мандати повторно го вратија оптимизмот кај владеачката партија, која е убедена дека грешката на Макрон ќе биде поправена пред самитот во мај идната година , во Загреб.
Се добива впечаток како македонските политичари да не извлекоа поука од начинот на кој функционира Европа.
Дека тоа е така најдобра потврда е што и премиерот Заев и министерката за одбрана, Радмила Шеќернска, деновиве во неколку свои изјави ја прикажуваат Македонија веќе како членка на НАТО.
Така на владината седница во Битола, премиерот Заев коментирајќи ги протестите на група незадоволни граѓани во изјава за медиумите дословно изјави дека тие што протестираа(т) ги болело наводно душата што веќе сме биле членка на НАТО!
Истото деновиве во неколку наврати го кажа и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, според која Македонија веќе е членка на НАТО.
Притоа се испушта од вид дека Меморнадумот за зачленување во НАТО треба да го усвојат во своите парламенти уште три држави, меѓу кои Франција и Шпанија, која се соочува со големи политички превирања и никој не знае како ќе завршат парламентарните избори во таа земја.
Лично не ми е познато која е смислата да се тврди нешто дека е завршена работа, кога не е.
Иако и на најнаивните политички лаици им е јасно дека Македонија е на чекор до полноправно членство во НАТО, сепак не ми е јасно зошто за тоа уште од сега да се тврди дека е завршена работа.
Па зарем не мислевме дека веднаш по промената на уставното име на државата, ќе ги почнеме преговорите за добивање на датум за ЕУ, но од тоа не се с лучи ништо.
Затоа македонските политичари треба малку да бидат поумерени во очекувањата и ветувањата, а особено во давањето изјави за јавноста.
На тој начин и тие и ние полесно ќе ги преживуваме стресовите кои ни се нанесуваат и болките од неуспешните политики полесно ќе ги
преболуваме. Кога е во прашање ЕУ, тоа секогаш треба да се има во предвид.