Зоран Милевски Кичеец е осуден на 3 години казна затвор, откако вчера на судењето за случајот „Рекет“ призна вина. Пресудата денеска беше соопштена во Кривичниот суд, а Кичеец присуствуваше на објавувањето.
-Судот како отежителни околности ги ценеше тежината на кривичното дело, умислата…, но ги ценеше и олестителните околности, дека е татко на пет деца, дека се грижи за своите родители, бидејќи неговиот татко е тешко болен, а го ценеше и неговото признание на вина, рече судијката Васка Николовска Масевска.
Таа потенцираше дека обвинетиот и обвинителството имаат право на жалба пред Апелација.
Тој се гонеше за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“ според член 359 став 7, за што му се закануваше затворска казна од 1 до 10 години.
Судењето за Бојан Јовановски и Катица Јанева исто така обвинети во „Рекет“ ќе продолжи, бидејќи тие не признаа вина, односно тврдат дека се невини.
Јанева е обвинета за кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, за што ѝ се заканува затворска казна од најмалку три години затвор.
Боки 13 кривично се гони за две дела и тоа „Примање награда за противзаконито влијание“, за што е предвидена затворска казна од 1 до 10 години, и за „Перење пари и други приноси од казниво дело“, за што исто така е предвидена затворска казна од 1 до 10 години.
Според обвинението, Кичеец и Боки 13 од бизнисменот Орце Камчев побарале 8 милиони евра за со амин на Јанева да го спасат од кривичен прогон за случајот „Империја“. Тој наводно им исплатил 1,5 милион евра, а обвинителството успеало да докаже каде завршил еден дел од парите.