Врховниот суд го отфрли како неосновано барањето за вонредно преиспитување на пресудата против расчинетиот владика на МПЦ-ОА, Јован Вранишковски. Тројцата врховни судии Фаик Арслани, Ристо Катaвеновски и Африм Фидани во пресудата потврдија дека пониските судови правилно ги применувале законите во оваа кривично-правна постапка.
Скопскиот кривичен суд со пресудите од 2015 и 2017 година, тогаш обвинетите Јован Вранишковски и Исаило Поповски, и уште едно лице од Скопје, ги осудил за перење пари и други приноси од казниво дело.
За ова дело судот го осуди Вранишковски на казна затвор од една година и еден месец, во која му е засметано и времето поминато во притвор, а на обвинетиот Исаило Поповски и третото лице, судот им изрече условна казна затвор во траење од по две години доколку обвинетите во рок од пет години не сторат ново кривично дело. Од осудениот Исаило Поповски е одземен принос од казниво дело во вредност од 8.595.571 денари, што се состои во недвижен имот земјиште, во корист на оштетената МПЦ-ОА.
Апелационот суд ги потврдил пресудите на пониските судови. По правосилноста на пресудата, заедничко барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда до судот поднеле осудените Вранишковски и Поповски, а Врховниот суд им го одбил барањето за преиспитување на пресудата како недозволено и неосновано.
– Во барањето на осудениот Јован Вранишковски, поднесено преку бранителот Александар Тортевски, адвокат од Скопје, се наведува дека првостепениот суд не постапил по напатствијата на Врховниот суд, со која одлука предметот е вратен на повторно одлучување, каде е наложено да се преиспита дали е можно осудениот Јован Вранишковски да располага со пари кои веќе ги потрошил. Според подносителот, судот воопшто не навлегувал во преиспитување на ова прашање и носи одлука која е контрадикторна. Судот утврдил дека неспорно осудениот ги потрошил средствата, а целокупниот имот кој го купил со овие средства останал во сопственост на МПЦ, па оттука се поставува прашањето како со нападнатата пресуда имотната корист во износ од 8.595.571 денари која се состои од имот, ја одзема во корист на МПЦ – напишале судиите објаснувајќи ги жалбените наоди на Вранишковски во пресудата.
Во жалбата Вранишковски навел дека во тоа време во кое му се става на товар дека го сторил кривичното дело бил на издржување на затворската казна за друго дело, но судот оценил дека тој во неколку наврати користел викенд и годишен одмор кога презел противправните дејствија.
– Правилно првостепениот суд утврдил дека паричните средства со кои располагал осудениот Јован не биле потрошени за купување предмети, туку дека дел од тие пари ги задржал за себе, односно истите ги присвоил, за да може подоцна да ги пушти во оптек. Начинот на кој работел осудениот Јован во трите епархии во МПЦ судот неспорно го утврдува од исказот на сведокот М.П. кој исказ е јасен, недвосмислен и детален, од кој произлегува дека осудениот не работел во согласност со правниот акт, односно уредбата според која МПЦ се раководела во материјално финансиското работење. Неправилностите во неговото работење биле констатирани во извештајот од извршена ревизија во епархиите каде бил тој, со оглед дека тој бил и овластен за финансиското работење – пишува во образложението на судот, со кое не им се усвојува барањето на подносителите.