Во наредната година доколку пројави желба да се рекламира на страниците на Битолски весник, или да објавува огласи, конкурси, соопштенија… Општината Битола ќе плаќа само 150 ден.(не е грешка) за една страница.
Тоа е резултатот од електронското наддавање кое неодамна беше организирано од страна на Комисијата за јавни набавки на Општината Битола преку Бирото за јавни набавки.
Иако навреме укажувавме дека доколку Општината се одлучи на таков систем на “наддавање “ до таков резултат ќе дојде, сепак во Комисијата за јавни набавки на локалната власт се одлучија за тоа, бидејки наводно тоа ги барало законот.
Во настојувањето да се почитуваат законските одредби за склучување договор за соработка со печатените локални медиуми, Општината се “избори” во наредната година на страниците на Битолски весник да се “рекламира “ за само 150 ден.
Ако се знае дека локалната власт во изминатите 9 месеци, по истекот на договорите од претходната година, не потроши ни еден скршен денар за (реклани) услуги во Битолски весник, јасно е дека Општината Битола, која води “штедливи “политики, се избори за бесплатно рекламирање на страниците на најстариот печатен медиум во државата речиси цели 2 години.
Искрен да бидам, лично немам ништо против “штедливите” политики кои ги спроведува новата локална власт.
Но поагајќи од искуството кое го имам, а и укажувањата на некои мои познати економисти, понекогаш и претераното “штедење” може да се врати како бумеранг.
Право е на секој субјект дали ќе штеди и на што ќе штеди.
Но кога станува збор за локалните медиуми, кои цело време работаат на презентирање и афирмирање на локалните политики мислам дека локалната власт претера во штедењето.
Цели 9 месеци му беа потребни на Комисијата за јавни набавки на општината да распише тендер за соработка со печатените медиуми.
Иако немаше никакви законски пречки тендерот да биде објавен уште во март годинава, кога истече рокот на претходниот договор, сепак локалната власт, почитувајки ги “препораките “ на своите “ експерти “ се одлучи тендерот за печатените медиуми да го објави на крајот на годината.
За “ соработката “ со електронските локални медиуми Општината Битола дури не си ни обиде да најде решение и буквално ги остави да се снајдуваат како знаат и умеат за да преживеат.
Еден стар мој пријател велеше.
После смрт нема болест!
Од како ќе почини пациентот залудно е подоцна да се нудат “лекови “ или “терапии” како истиот можел да (пре)живее.
Така и локалните медиуми, меѓу кои и Битолски весник речиси една цела година од страна на Општината е оставена без договор за соработка.
И покрај сите наши укажувања и апели за помош на локалните медиуми досега локалната власт не најде начин да се надмини овој проблем.
Причината за тоа се наводно законските ограничувања.
Иако Битолски весник има разбирање за тоа, сепак боли впечатокот кој го имаме, дека на некои “ експерти” од општинската администрација, кои себеси се промовираат како “експерти “ и “чувари “ на законот и касата, ваквите наводни законски ограничувања добро им дојдоа да не отпишат од секаква финансиска помош.
Причина повеќе за таквиот впечаток кој го иамаме е “советот” кој ни беше даден токму од тие “ експерти “, уште по преземањето на власта дека печатените медиуми немаат иднина и дека треба да го згасниме Битолски весник и да се определиме за “он лајн” новинарство.
Ваквиот непримерен “ предлог” ни беше даден токму кога Битолски весник го слави својот голем јубилеј 55 години од излегувањето на првиот број.
Иако исходот од електронската аукција да ја “рекламираме “ општината Битола за само 150 ден. доста ќе го погоди нормалното излегување на Весникот, сепак Битолски весник ќе настојува да не дојде до негово згаснување.
Битолски весник, како и досега што презема(ше), така и во иднина ќе презема низа мерки за нормално излегување на Весникот.
Впрочем и досега Битолски весник не бил некое милениче кој бил поддржуван многу финансиски од локалната власт. Средставата кои сме ги добивале биле од секогаш скромни.
Но боли чувството што го имаме дека многу полесно за нашите проблеми наидуваме на разбирање кај субјекти надвор од Битола, од колку во градот чие име го носи Весникот.
Разочарувачко е сознанието дека постојано, буквално секој втор ден треба да бидеме присутни на прес конференции и настани на кои локалната власт се фали за низа успеси со кои им ги подобрила условите на многумина наши сограѓани, здруженија, институции, клубови, невладини организации… а да се нема решение за поддршка на Весникот.
Битолски весник цел овој перод од половина век, освем со одредени исклучоци, во времето на т.н. социјализам се соочувал со проблеми, главно од финансиска природа. Но секогаш знаел да се справи со истите, бидејќи бил во тек со времето, а понекогаш дури и пред времето.Убеден сум дека ќе успееме да ја добиеме и оваа битка, бидејќи нашата вакцина на издржливост нема век на траење, а на сите кои ни го посакуваат крајот би им рекле дека нема да им го дозволиме таквиот луксуз отпосле да леат крокодилски солзи за Весникот, како што тоа сега го прават за непотребното згаснување на Радио Битола.
Битолски весник бил и ќе остане битолски Пиреј, секогаш Простум, со, или без поддршка на власта, без разлика која е таа.