Како што се доближуваме до 12 април, кога во Македонија треба да се одржат предвремените парламентарни избори така во државата како на шапилограв се објавуваат огласи и конкурси за вработување во државните служби.
Дневните весници речиси се преполни со огласи за нови вработувања. Се вработуваат нововработени лица, не само во државната администрација, туку и во општините, јавните претпријатија, образовните институции, агенциите здравството… секаде онаму каде што треба да се зема државна плата.
И тоа не е ништо ни ново ни непознато.
Јавна тајна е дека од формирањето на Македонија како независна држава, политичките партии се претворија во Агенции за вработување, кои ги вработваат своите партиски кадри, семејни, или лични пријатели, сопруги, снаи, баби, дедовци, внуци, бизнис партнери во државните служби.
Додека приватниот сектор едвај успева да се справи со недостигот на работници,особено со млади стручни кадри, во државниот сектор буквално не се избираат ни начин. ни средства како да се дојде до работно место.
Додека власта се обидува да ја увери јавноста дека најновите (масовни ) вработувања се поред потребите на институциите или согласно програмите за вработувања, донесени минатата година и дека тие немаат ништо заедничко со претстојните парламентарни избори, опозицијата преку секојдневните прес конференции ја обвинува власта за непотизам и предизборно масовно вдомување на своите партиски кадри.
Притоа се посочуваат и имињата и семејните врски на тие што се вработуваат.
И наместо да одговори дали таквите обвинувања се точни, или не, власта се обидува истите да ги релативизира со тоа што се навраќа на периодот кога сегашната опозиција беше власт и кога го правеше истото, вработувајќи ги своите најблиски.
Лично како човек со долго паметење, кој многу знае за партиските вработувања во Битола и кој е многу подобро инфориран за ваквите состојби дури и од партиските портпароли, сакам да кажам дека немам ништо против било кое вработување, бидејки на крајот на краиштата тоа е уставно загарантирано право.
Мене ми е одамна познато дека партиите не се повеќе места каде се гине или дебатира за (политичка )идеја. И на врапчињата им е јасно дека во партиите сега се членува исклучиво преку членството членовите да си ги решат сите свои проблеми во бизнисот или во семејствата.
Во партиите одамна не се дебатира за политичките стратегии и политики, туку за тоа чие дете каде треба да се вдоми и кој да се стави на раководна функција.
Тоа во последно време не го кријат и голем број од членовите на политичките партии.
Јавноста во Битола добро знае кој каде работи и како се вработил, било тоа да е во времето на владеењето на ВМРО, или на СДСМ.
Државниот апарат, или институции, јавните претпријатија, општинската администрација, агенциите, подрачните единици, обрзованите институции се (пре)полни со партиски кадри, кои се вдомиле, или на раководни функции дошле благодарение на партиската книшка и препораките на партиските раководства.
Најголемиот број од децата на комунизмот и плурализмот работаат државна работа, додека тие кои ја немале таа можност, морале да работаат приватно, или да ја напуштат државата и заминат на привремена работа во странство, која за најголемиот број од нив стана(ла) стална.
И додека приватните фирми мака мачат како да најдат добри и квалитетни работници и постојано објавуваат огласи за такви вработувања, државниот сектор е преполн од партиски кадри, за кои некаде нема ни доволно столчиња.
Тоа што иритира во оваа ситуација се информациите кои во последно време доаѓаа(т) од Министерството за информатичко општство и администрација дека државниот сектор и администрација не само што е неефикасен туку е и прегломазен. Поради тоа неодамна беше поласирана идејата дека добар дел од јавните и државните службеници да се префрлат во приватниот сектор. На тие кои ќе се охрабрат да го направат тоа му се нудат дури и субвенции.
Со ова уште еднаш се потврдува правилото дека нашите политичари се однесуаваат како свештениците, пијат вино, а проповедаат вода.
Како ќе си одат од државна работа вработените кога тие во државниот сектор се чувствуваат како бубрег во лој,безбедно, со добри и сигурни плати, со користење на секакви бенефиции и кои не знаат што да прават со слободното време кое им е на располагање поради немање работа.
Како државните службеници ќе се префрлат во приватните фирми, кога постојано има конкурси за вработувања во државниот сектор за мошне привлечни плати.
Властите, сите без исклчупк, се додека функционираат така како што функционираат и додека ја промовираат кај своите членови државната работа како најсигурна и најдобра платена тешко ќе успеат да ги предомислат невработените да бараат вдомување во приватниот сектор.
Во приватниот сектор партиската книшка одамна нема никаква вредност. Таму се цени и плаќа само трудот, а платите зависат од резултатите од трудот. Таму не важи правилото “ Нишај врата земја плата”
Но таквата филозофија еден ден мора да чукне на врата и кај државните фирми. Што поскоро тоа подобро за сите.
Во спротивно во државата ќе останат да работаат само татините синови. Останатите кој побрзо кој подоцна ќе ја напуштат државата.