Во македонската демократија има бројни примери на изборни денови обележени со многу насилство и злоупотреби, како и со фалсификувани изборни резултати кои не го одразуваа вистинското расположение на електоратот. Тоа во демократската јавност се нарекува „украдена власт”
Ѓорѓи ТОНОВСКИ
Изборите постепено стануваат приоритетна тема во разговорите на јавноста. Тие со право го привлекуваат вниманието со оглед на тоа дека изборите не се обична и рутинска статистичка операција, туку предизвикуваат поголеми или помали промени и поместувања во политичкиот амбиент, работата на институциите и кадровската екипираност на македонското општество. Тие ја определуваат насоката на развој на македонското општеството во текот на мандатот на политичките сили во постизборниот период.
Од друга страна, обичниот македонски граѓанин изборите ги доживува како надеж дека новата власт ќе биде подобра од претходната и дека ќе донесе повисок животен стандард, нови вработувања, повисок степен на национална солидарност (да се сакаме и почитуваме меѓу себе), искоренување на корупцијата, правна држава, мир…
Република Северна Македонија има кратка изборна традиција, но со богато искуство. Иако тенденцијата и залагањата на политичките субјекти кои активно учествувале во изборните натпревари јавно биле дека сето тоа ќе помине во мирна демократска и фер атмосфера, сепак, случувањата на денот на изборите умеат честопати да избегаат од контрола и на избирачките места да се манифестира значаен негативен социјален набој.
МАНИПУЛИРАЊЕ СО ЕЛЕКТОРАТОТ
Навистина, во историското течение веќе се видливи тенденциите и залагањата за подобрување на квалитетот и амбиентот на изборните натпревари, но сепак, се уште е реална опасноста за насилно манипулирање со електоратот. А, насилството, мора да се признае, е нешто многу пострашно од квалитетот на наративот, од типот на иконографијата и од ехото на испратените пораки од политичките кандидати до граѓаните.
Насилството на изборниот ден веднаш ги полни насловните страни на светските медиуми и негативно одзвонува во светската демократска јавност. Тоа станува елемент за намалување на комплетниот демократски имиџ на државата. Впрочем, во нашата досегашна изборна практика има и негативни и позитивни примери.
Во македонската демократија има бројни примери на изборни денови обележени со многу насилство и злоупотреби, како и со фалсификувани изборни резултати кои не го одразуваа вистинското расположение на електоратот. Тоа во демократската јавност се нарекува „украдена власт”. Сведоштво за ваквите дејанија се и неколкуте судски процеси за изборни манипулации со кои се опфатени делови од раководството на апсолутистичката власт на политичарот-бегалец Никола Груевски. Некои од клиентите во судниците беа долгогодишни пратеници во коалициите на ВМРО ДПМНЕ и седеа во првиот ред на нивната пратеничка група.
Во авторските писанија за изборите има една необична практика секој изборен циклус да се прогласува за посебно значаен и судбоносен за македонската држава. Има дел вистина во сето тоа, бидејќи сепак, во крајна линија, секој нареден изборен циклус се случуваше во специфични политички сензибилни околности (светски и домашни). Тие предизвици го јакнеа општественото ткиво да изнаоѓа одговори за нивно разрешување што воедно беше и чекор напред во макотрпниот процес на освојување на развојниот и на демократскиот простор во македонската историја.
ТРИ АЛТЕРНАТИВИ
Но, сепак, не може да не се акцентира специфичната тежина на овие парламентарни избори. Таа специфична тежина и значење произлегува од фактот дека овие избори се случуваат во време и околности кога РСМ дефинитивно го напушта просторот на изолационизмот и се упатува кон отворените Евроатлантски пространства. На тој пат квалитетот на изборниот процес има крунско значење. Всушност, во врска со ова нашата земја е исправена пред две алтернативи.
Првата алтернатива е да се изведат фер и демократски модерни избори со резултат- легитимна и легална политичка власт. Ова би значело дефинитивна афирмација на земјата како европеизирана заедница и, се разбира, широко прифатена како зрел кандидат за ЕУ и НАТО.
Втората алтернатива би била поврзана за насилни и фалсификувани избори со резултат- ненародна, наметната автократска власт со континуирани социјални немири и незадоволства. Оваа алтернатива би означила несериозна заедница која, иако успеа да се ослободи од местото зад железната завеса, треба веднаш да се врати во „темните двери” на изолационизмот со неизвесна и негарантирана иднина, а не да стои во светлините на најцивилизираниот дел на светот.
Третата варијанта има повеќе академско значење отколку реално практицирање во политичката реалност и се карактеризира со можни “хермафродитски” решенија кои настануваат како резултат на определени политички компромиси помеѓу политичките елити при win-win изборни резултати заради контрола врз можните кризни збиднувања. Ова може да биде само привремено решение.
Оттука, за секоја сериозна размисла за политичката специфика и улога на следните парламентарни избори во нашата историја, како и во однос на јасното евроатлантско профирање за иднината на Република Северна Македонија сентенцата „фер и демократски избори” не е обична безсодржинска флоскула, нити пак, работа за која „едноставно се забавував додека разговарав со господинот Зоран Заев“ (Христијан Мицкоски за јавниот TВ дуел на кој со неговиот главен политички ривал Зоран Заев требаше да разменат идеи за идниот развоен период на земјата).
Едноставно, изборите мораат да бидат со таков квалитет.Тоа е задача на сите позитивни политички сили во републикава, зашто, како што е општо познато предизвиците и состојбите во „земјата на историското распаќе” се премногу судбински и егзистенцијално сериозни, но не и забавни. Но треба да се има на ум дека Република Северна Македонија има капацитет да ги надмине тешкотиите и да остане на вистинскиот пат на историјата…
We can do it, let do it.