Опозицијата со конкретни мерки во борбата со корона вирусот. Бараат прогласување на кризна состојба во земјата и помош за стопанството. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски бара од надлежните итно да набават антисептични средства, заштитни маски и ракавици кои ќе бидат бесплатни за граѓаните. Ваква заштитна опрема на располагање да имаат и вработените во јавниот превоз, градежниците и шалтерските работници.
„Предлагаме редуцирање на работата на државната администрација, половина од администрацијата да се ослободи од работа и да се направи цикличен распоред во работата на државните органи, со тоа ќе се намали и ризикот од брзо ширење на вирусот. Потребно е формирање на посебно државно контролно тело чија единствена задача ќе биде надзор и контрола на примената на превентивните мерки и еднократна парична помош и целосно бесплатно лекување за заболените од вирусот, вели претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Штетите врз бизнисот се големи, алармираат од ВМРО ДПМНЕ. Нудат конкретни чекори за ублажување на последиците од корона вирусот кој силно го удри стопанството. Велат тие за сега да важат само за март.
„Предлагаме замрзнување на обврските на компаниите кон државата, чија што работа е погодена со настанатата ситуација со корона вирусот. Второ, замрзнување на обврските на компаниите кон банките и заемодаваталите за месец март, чија што работа е погодена со состојбата на корона вирусот. Државата да ги плати трошоците за вработените во компаниите погодени од состојбата со корона вирусот до висина од 50-тина проценти, знаете тоа се секторите кои што се најмногу погодени како што е туризмот, како што е угостителството, како што се текстилната индустрија, кожарската индустрија и останатите сектори“, додава Мицкоски.
Тој ги повика надлежните да спроведат строга контрола врз работата на веледрогериите, оти како што посочи граѓаните се жалат на енормно високите цени на заштитните маски и средствата за дезинфекција. Тој вели дека, доколку владата не делува, опозицијата ќе презентира докази за нереалните цени на заштитните маски кои биле и до 40 пати повисоки од набавните.