Во издание на Топер денеска во просториите на НУУБ „Св.Климент Охридски“- Битола, беше промовирана едицијата “ Децата го менуваат светот “ од авторката д-р Горица Поповска Налевска.
Едицијата „Децата го менуваат светот“ е составена од 7 сликовници, кои праќаат силна порака за децата од аспект на развивање на морални вредности, емпатија и алтруизам.
Децата преку овие приказни ќе дознаат за значењето на различностите, другарството и почитувањето, да покажат трпение, љубезност и да се однесуваат со почит кон другите, истакна на промоцијата авторот д-р Горица Поповска Налевска.
Многу често кога се зборува за инклузијата на децата со попреченост, првенствено се мисли на обрзовната инклузија, но вистинската инклузија, не започнува и не завршува само во училиштата. Првиот чекор кон вистинска инклузивна заедница треба да се направи во рамките на семејството каде детето ги усвојува првите начини на однесување, првите навики, ставови и вештини. Децата учат според „модел“. Првиот модел на детето се родителите и нивните постапки – внимание, грижа за семејството, односи со пријатели, соседи, роднини, домашни миленици…Емпатијата е вештина што се стекнува и се развива преку секојдневно вежбање низ разни животни ситуации. Емпатијата кај децата се развива околу третата година (бидејќи дотогаш децата се егоцентрични, насочени кон себе и кон задоволување на сопствените потреби), а токму емпатијата им овозможува да ја надминат себичноста и да развиваат чувствата за другите. Емпатичните деца се поуспешни во социјалните односи и имаат повеќе врски со врсниците. Тие често се омилени во врсничките групи. Емпатијата подоцна е основа за развој на емоционална интелигенција. Задачата на родителот е да го научи своето дете дека чувствата на другите се важни и треба да се почитуваат. Оттука всушност и потекнува насловот на едицијата „Децата го менуваат светот“ – само преку интеракција и соживот, надминати предрасуди и стереотипи, ќе придонесеме до менување на ставовите и градење на едно инклузивно демократско општество.
Сликовниците се наменети за деца на возраст од 5 до 8 години и претставуваат конструктивна и креативна алатка со која можеме да ги воведеме децата во структурата и главната идеја на приказната, како и во деталите на истата, благодарение на едноставното дејствие.