Don't Miss
Home / Uncategorized / Оскаровецот Јануш Камински добитник на Златна Камера 300

Оскаровецот Јануш Камински добитник на Златна Камера 300

            На прес конференцијата посветена на одбележувањето  на 41 – то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“,директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска и Игор Иванов – Изи, претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ)  соопштија дека годинашен лауреат на Златна Камера 300 за животен опус е полско-американскиот кинематографер Јануш Камински, а добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на ДФРМ e режисерот Столе Попов.  

Поради пандемија, ИФФК „Браќа Манаки“ нема да се одржи како фестивалско издание, туку ќе се одбележи со еден централен настан во Битола и неколку онлајн активности.

„Ковид- 19 не’ затекна сите и сите ги живееме последиците од оваа катастрофа, така е и со фестивалот „Браќа Манаки“. 

          Размислувавме дали добиените пари од државата да ги потрошиме за некаква онлајн верзија како што тоа го прават некои помали фестивали, без притоа да имаме собирање и проекции во Битола или да го откажеме и да направиме едно скромно обележување“, изјави Игор Иванов, претседател на ДФРМ.

           Тој додаде дека е непримерно да се пуштаат филмови онлајн и да се оценува уметноста на филмската камера, а исто така, во овие услови фестивалот е невозможно да биде прослава и славење на филмската уметност, кога филмаџиите не можат да се собират во Битола.

          „Земајќи ги предвид сите овие околности и следејќи ги искуствата на европските и светските фестивали, во консултација со нашите членови, на Собранието на Друштвото, се донесе одлука Фестивалот да не се одржи во својата традиционална форма, туку да биде одбележан во Битола на 19 септември. Ова беше тешка одлука. Времето ќе покаже дали сме биле во право. ДФРМ смета дека примарно државата треба да троши пари за продукција на филм, дека во овие услови на десеткувани буџети, поважно е да се снима отколку да се дава пари за онлајн фестивал“, рече Иванов.

          Директорката Теодосиевска рече дека 41-то издание на ИФФК “Браќа Манаки“ ќе се одбележи со доделување на највисоките награди Златна Камера 300 за животен опус и „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на ДФРМ. На централниот настан во Битола ќе се обратат покровителот на фестивалот, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, претседателот на ДФРМ, Игор Иванов Изи. Со видео порака ќе се обратат и претседателот на ИМАГО, Кеес ван Острум и лауреатот на Златната камера 300, Јануш Камински. Исто така, Македонската телевизија ќе прикаже по еден филм од добитниците на наградите. Ќе бидат прганизирани и две онлајн работилници со добитниците на наградите и со членовите на ИМАГО, меѓународната асоцијација, во која членува и ДФРМ. 

„Се надеваме дека на овој начин ќе одадеме почит на сите оние пред нас што направиле за овој најстар и најзначаен фестивал. ДФРМ и јас се согласивме дека не доаѓа предвид на интернет да се прикаже компетитивна селекција заради фактот што не е професионално да се оценува креацијата на кинеамтограферите со следење на филм на компјутер. За да се оцени визуелната структура на овие филмски уметници на кои им е посветен овој фестивал потребно е големото платно и пријатниот кино мрак. Овој фестивал е специфичен по својата суштина, ИФФК „Браќа Манаки“ е основан токму заради вреднувањето на работата на филмските работници, токму на оние кои со својата камера го исполнуваат тоа филмско платно“, рече Гена Теодосиевска, директорка на „Браќа Манаки“.

Таа најави динамична веб страница на фестивалот, како и жива активност на социјалните мрежи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*