Слушајќи го деновиве претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски, на прес конференцијата која ја одржа заедно со министерот за здравство Венко Филипче, не знам зошто, но во истиот момент помислив на стиховите од песната на познатата српска фолкерка Маја Беровиќ” Ти луташ бебо”
Маја Беровиќ во нејзиниот мега популарен хит, во рефренот пее” Ти луташ бебо”
Слушајќи го со внимание првиот човек на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караиџовски и потестеувајки се на неговите претходни изјави по појавата на пандемијата, мислам дека во овој момент стиховите од песната на Маја Беровиќ “Ти луташ бебо” најмногу ја (де)легитимираат неговата личност.
Амнестирајќи се себеси од секаква одговорност за драстичното зголемување на бројот на заразените од ковид 19, на последната прес конфернција првиот човек на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски за ваквите зголемени бројки ги обвини граѓаните.
Според Караџовски граѓаните се тие кои се (нај)виновни за знатно зголемениот број на заразените од корона вирусот.
Тие се виновни затоа што не ги почитувале мерките, не носеле маски, не држеле дистанаца, оделе на концерти, правеле журки, свадби, родендени, венчавки, крштевки.
Притоа Караџовски не изусти ни збор за неговата (не)одговорност што денес Македонија е меѓу земјите кои имаат не само најголема заразеност, туку и смртност од пандмеијата.
Според некои статистики смртноста од ковид 19 на еден милион жители ,Македонија со над 54 проценти е убедливо на прво место пред Словенија, БиХ, Србија, Хрватска, Грција, Албанија, Бугарија.
Статистичките податоци за бројот на заразените и починатите од корона вирусот кај нас се навистина загрижувачки.
Дека Македонија од корона вирусот ќе има вакви аларамантни бројки, на почетокот на пандмеијата не можеа да помислат ни најголемите епидемиолози и вирусолози, па и лаиците.
Напротив, токму од Караџовски доста долго време бевме убедувани дека Македонија е меѓу земјите кои на најдобар начин се справи со пандемијата.
Тој во една прилика дури си зеде слобода да прогнозира дека до завршувањето на пандемијата Македонија ке “само “ околу 200 починати и 1.800 до 2.000 заболени.
Денешните бројки на заразени и починати зборуваат дека таквите прогнози биле крајно небулозни и несеризони. Дека тоа е така најдобро зборуваат бројките со кои излезе во јавноста Министерството за здравство до моментот кога ја пишував оваа колумна(недела 18 октомври), дека вкупната бројка на ковид дијагностицирани во Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 23.201, бројката на починати 824, а бројот на активни случаи 5.266.
Овие бројки го (де)легитмираа(т) Караџовски за лош прогнозер, кој буквално што би рекле фудбалерите промаши цел фудбал.
Доколку Караџовски, кој себеси се смета за врвен експерт така ноншалантно и лефтерно не се расфрла(ше) со бројки ќе немаше што да му се забележи, бидејќи станува збор за нова заразна болест, со каква не само тој, туку и светот досега не се соочил.
Но првиот човек на Комисијата за заразни болести д-р караџовски досега никогаш не излезе во јавноста и јавно не призна дека и тој како и многу други “експерти” има право да погреши и дека пандемијата и него го изненадила.
Напротив тој за сите негови промашувања ги обвини граѓаните, кои според него биле виновни за драстичното зголемување на бројот назаразените бидејќи не ги почитувале мерките кои тој заедно со неговиот тим ги предлагал а Владата ги усвојувала.
Караџовски за сегашните големи бројки на позитивни на ковид 19 ги обвини граѓаните кои биле недицсиплинирани и правеле концерти и журки.
Притоа тој заборави да каже дека организатори на концертите не беа граѓаните, туку некои агенции, кои за нивното организирање добиваа и трошеа државни пари, како од Министерството за култура, кое главно беше генерален покровител, така и некои локални самоуправи, кои со народни пари се обидоа да го развеселат депресивниот народ.
Граѓаните не беа тие кои носеа одлуки за олабавување на рестриктивните мерки, за отворање на границите, за дозволување одржување на концерти, музички настани…
Непослушните граѓани, колку и да се виновни, не можат да бидат исклучиви виновници што наделжните државни институции не успеаја да ги санкционираат уште на стартот некои непослушни сопственици на ноќни клубови и барови, кои организираа журки и забави без почитување на протоколите.
Со ова не сакам да ги изземам од одговорност граѓаните за нивната неодговорност што на тие концерти и приватните журки си поигруваа(т) не само со сопственото здравје туку и со здравјето на своите најблиски.
Таквата нива неодговорност во изминатиот период некои скапо ги чинеше.
Во ситуација кога надлежните здраствени работници почнаа да ја губат битката со пандемијата, деновиве, откако претходно ги обвинија граѓаните за порастот на бројот на заболените, ја побараа нивната помош и јавно признаа дека без поддршка од граѓаните битката со пандемијата не ќе може да добие.
Признавањето на ваквата реалност е само уште една потврда дека клучот на битката со ковидот 19 не е само во рацете на властите или здравствените работници, туку во народот.
Народот е тој кој во моментот ја има клучната улога не само да се заштити себеси, туку да ги заштити и другите.
Со почитувањето на мерките за заштита, носење маски, држење дистанца и водење сметка за хигиената, граѓаните не се штитат само самите себе, туку ги штитат и своите најмили.
Затоа нашата (пре)порака е штитете се самите, затоа што (ќе) нема кој да Ве штити!