Пензионерката Лилјана Тодоровска од Скопје како сведок денеска раскажа во судница како ѝ легнале на сметка 730 илјади евра од битолскиот бизнисмен Силјан Мицевски за изградба на старски домови преку Меѓународниот сојуз на Боки 13. Таа била автор на проектот. Го презентирала и на владата на Никола Груевски. Но, проектот тогаш не заживеал. Во 2017 – та идејата ѝ ја покажала на тогашната министерка за труд од СДСМ, Мила Царовска. Но, Царовска ѝ рекла идејата да ја однесе во Меѓународен сојуз. Така и направила. Го презентирала проектот. Потпишала договор, но ѝ било дадено да го види само последниот лист и Боки 13 и ветил 54 илјади евра хонорар. Но, Тодоровска тврди, пари не добила. Дури била викната во Финансиската полиција и во Обвинителството откако на сметка ѝ легнале над 700 илјади евра од бизнисменот, а парите биле замрзнати. Институциите не нашле проблем, а дека сè ќе биде во ред во просториите на Меѓународен сојуз ја тешел Александар Кирацовски, поранешниот генерален секретар на СДСМ.-
„По сослушувањето во Обвинителството, Јасна Ерцеговиќ го праша обвинителот Наум Пановски за колку време ќе бидат одблокирани парите од мојата сметка? Рече – за 15 дена. Обвинителот рече – станува збор за исплата на идејно решение“, рече Лилјана Тодоровска, сведок.
По некое време, Јасна Ерцеговиќ, која му била блиска соработничка на Боки 13 во Сојузот, заедно со помошничката ја земале пензионерката од дома која во моментот била во инвалидска количка поради сообраќајка. Ја однеле во банка. Но, за да ги извади парите банката прво си наплатила 450 илјади денари стар кредит на Тодоровска. Дури потоа парите биле подготвени во пачки и ставени во жолта платнена ќеса.
„П: Вие извадивте пари од сметка за да ги дадете на асистентката на Боки?
О: Јас не ги извадив парите, таа си ги зема од трезорот“, изајви Лилјана Тодоровска, сведок.
Адвокатот на Боки 13 смета дека Тодоровска кажала низа нелогичности.
„Тотално некредибилен сведок којшто не ја зборуваше вистината и кој брутално лажеше во секој дел од нејзиниот исказ, а кој се причините јас не знам“, рече Сашко Дуковски, адвокат.
Пред Тодоровска сведочеше оштетената Јованка Кухар која кажа дека на Боки му дала 250 илјади евра за да ѝ ги инвестира во некој проект. Но, тој ѝ вратил само 80 илјади. Во случајот Меѓународен сојуз, освен Боки 13, обвинети за измами и перење пари се и неговата помошничка, татко му, Јасна Ерцеговиќ и поранешната пратеничка на СДСМ, Фросина Ременски