Денеска битолската универзитетска библиотека “ Св. Климент Охридски “ одбележа 76 години од основањето.
Библиотеката е основана на 25 март во 1945 година со решение на Градскиот народен одбор со името Градска народна библиотека во Битола.
По тој повод директорот на библиотеката Бојан Стефановски направи пресек на работењето на Установата истакнувајќи ја нејзината важност низ годините и денес за Битола, училиштата, факултетите, читателите.
„Универзитетската функција ја има од самото основање на Универзитетот во Битола и до денес активно учествува и дава поддршка во наставата преку различни активности наменети за студенти и професори. По она што беше од секогаш препознатлива за градот се нејзините библиотекари кои своите професионални компетенции ги ставаа пред граѓаните. Порано, печатениот материјал беше доминантен, па и бројот на читатели беше голем. Напоредно со просторот и кадарот, се развиваше библиотечна дејност, се воведуваа нови содржини програми и креативни проекти. Се организираа промоции, семинари, бројни работилници. Активностите кои десетина години се одвиваат во нашата Библиотека со несмален интензитет се: Родокрајните средби на писателите, креативни работилници за деца, саеми на книги, изготвување на персонални биографии, следење на културни настани и друго. Библиотеката се појавува како издавач на повеќе стручни и литературни изданија, повеќе од една деценија излегува списанието ‘Библиотечен тек“, рече директорот Бојан Стефановски.