Don't Miss
Home / Политика / Партиите повторно меѓу народот

Партиите повторно меѓу народот

Иако од последните предвремени парламентарни избори поминаа малку повеќе од пет месеци, Македонија повторно е во предизборна треска. Политичките партии се растрчаа на теренот и на средби со граѓаните. Како во времето на предизборието политичките партии ја почнаа и т.н. кампања од врата на врата.
Додека СДСМ се уште ги подготвува своите 5.000 тимови, со кои ќе тргне меѓу народот за да им ги објасни своите политички програми и платформи, од ВМРО-ДПМНЕ, кои речиси се во постојана (пред)изборна кампања, пратениците, а и градоначалниците веќе подолго време се на теренот и одржуваат непосредни средби со граѓаните.
Според зборовите на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, пратениците на власта во наредниот период ќе посетат над 408 населени места. На средбите со граѓаните тие ќе се обидат во непосредни контакти и разговори да ги запознаат со реализацијата на зацртаните проекти од програмата со која ВМРО-ДПМНЕ настапи на предвремените избори во јуни, а воедно и да ги слушнат проблемите со кои се соочуваат граѓаните.
За тоа време СДСМ во “тајност” и низ практични работилници ги подготвува своите над 5.000 тимови, со кои во средината на идниот месец ќе истрча на терен на средба не само со своите избирачи, туку и со граѓаните.
Иако кога станува збор за ВМРО-ДПМНЕ ваквата раздвиженост на партијата на теренот не е ништо ново, сепак, се добива впечаток, дека Македонија како да е повторно пред ново соочување со народот.
Додека од владејачката партија се обидуваат да ја (раз)убедат јавноста дека во овој момент ВМРО-ДПМНЕ не размислува за нови предвремени парламентарни избори, некои политички аналитичари тврдат дека нема да помине долго време кога Груевски повторно ќе закаже нови предвремени парламентарни избори, на кои ќе се обиде да му зададе дефинитивен удар на опозицијата предводена од СДСМ.
Од опозициската СДСМ деновиве ги привршуваат подготовките за тимовите кои ќе тргнат на терен да им ја објаснат програмата на граѓаните и нивната политичка стратегија. Тие и натаму тврдат дека се додека не се формира техничка влада тие нема да учествуваат на никакви избори, без разлика кога ќе бидат распишани.

Во овој момент никој во Македонија не зборува за решавање на политичката криза и воспоставувањето на политичкиот дијалог меѓу власта и опозицијата, кој неодамна го побара и Европската комисија, доколку Република Македонија сака да ја задржи препораката на земја- кандидат за влез во ЕУ.

Иако до декември, кога за кандидатскиот статус на Република Македонија ќе треба да расправа Советот на Европа, останува само нешто повеќе од еден месец, барем засега ниту власта ниту опозицијата се обидуваат да ги надминат недоразбирањата и да излезат од политичката криза. Додека владејачкото мнозинство и без опозицијата носи закони во Парламентот, од СДСМ засега немаат намера да отстапат од својата одлука за бојкот на Парламентот. Многумина сметаат дека таквата атмосфера ќе трае до 10 ноември, кога истекуваат точно 6 месеци од бојкотот на пратениците и кога доколку тие не се вратат во пратеничките клупи по сила на законот, заради 6 месечно неоправдано отсуство ќе ги загубат пратеничките мандати.

Како и да е, Македонија повторно е во предизборна треска.

По честите предвремени парламентарни избори, Македонија одамна ја надмина и Италија, која важеше за земја со најчести предвремени парламентарни избори во Европа. Но практиката покажа дека Македонија многу не се офајди од честите предвремени парламентарни избори и дека таквите избори воопшто не доведоа до прегрупирања на политичките сили во Парламентот.
ВМРО-ДПМНЕ како најголема партија и натаму е партија со најголема доверба меѓу граѓаните, а истото важи и за ДУИ. Овие две партии во моментот немаат буквално никаква сериозна конкуренција да бидат загрозени.

За тоа време СДСМ и ДПА никако не можат да се консолидираат и постојано се обидуваат вината за нивните порази на изборите да ја префрлат на власта.
И покрај “ресетирањата” на партиите, и СДСМ и ДПА се уште не успеваат да ги придобијат граѓаните, а тоа што особено треба да ги загрижи е што овие две партии веќе почнаа да ја губат довербата и кај своите членови, кои се повеќе се разочарани поради честите и бројни порази.

Тоа што особено загрижува е што од ваквите порази засега ни СДСМ ни ДПА не извлекоа поука и се обидуваат со бојкот и непризнавање на изборните резултати да се амнестираат од одговорноста.

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*