Ричард Галијано, францускиот виртуоз на хармоника ќе го отвори шестиот по ред „Фестивал на музика од светот” кој од 6-ти до 8-ми ноември ќе се одржи во Битола. Галијано ќе настапи заедно со светски познатиот “Тангарија Квартет” од Франција. Нивната музика е комбинација на Ј.С. Бах, тангото, валцерот, самбата и салсата.
-Почестени сме што на фестивалот ќе го имаме најголемиот хармоникаш на светот, добитник на наградата за најдобар композитор на класична музика и неговиот магичен „Тангарија Квартет”. Неколку денови пред почетокот на фестивалот чувствуваме голема возбуда- вели Борче Димитровски, директор на Центарот за култура.
Втората фестивалска вечер е резервирана за групата „Фолтин” и за истанбулскиот диџеј со македонски корени Али Дојран, кој пред присутните ќе се претстави во битолското кафуле „Хаус Бар” на Широк Сокак.
-Многу сме среќни и задоволни што сме дел од фестивалот, ќе се претставиме со нашата класична програма, но ќе има и мало изненадување. Сакам да го кажам и ова…Како адолесцент, го обожував Ричард Галијано и затоа неговото доаѓање е голем настан за мене. Секоја чест за организаторите што го донесоа ова големо име- рече Бранислав Николов од „Фолтин”.
Последната вечер од фестивалот во култното место за битолчани „Порта Џез” свој настап ќе има Јасмина Беличанска квартет.
-Посебно ме радува тоа што успеавме да донесеме музички артист од светска важност и што ја ставивме Битола на мапата на големите концертни случувања”- рече селекторот Оливер Јосифовски.
Фестивалот е во организација на Центарот за култура од Битола а под покровителство на Министерството за култура.
Б.В.