По повод денешниот христијански празник „Свети маченик Трифун“, Денот на заштитникот на лозарите и градинарите, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, го посети селото Крклино, каде повеќе семејства одгледуваат лозје. Градоначалникот Коњановски, честитајќи им го празникот на сите лозари, градинари и производители на вино и посакувајќи им богат род и успешна работа, со лозарите од овој дел на општината,разговараше за моменталната состојба со лозарството и градинарството и предизвиците со кои се соочуваат жителите од битолско кои се занимаваат со овие дејности.
Лозарите кои традиционално утрово го закројуваа лозјето, со верба дека Свети Трифун, ќе помогне за заштита од разни болести, штетници и невреме, нагласија дека грозјето, како традиционална и важна култура за Македонија, придонесува за ангажирање на руралното население, но и производство на вино кое има големо извозно трговско значење.
На денешниот празничен настан, се разговараше и за интересот во битолско и моменталните иницијативи за формирање на мали семејни винарии, од производителите на вина од сопствени лозја, кои се повеќе работат на постигнување на подобар квалитет на производството.
Градоначалникот Коњановски, нагласи дека локалната самоуправа во рамките на својата надлежност преку одделението за економски развој продолжува да биде советодавен и консултативен поддржувач на производствените и други дејности на жителите на општината, а преку реализација на планираните проекти во руралните места, се работи на подобрување на условите за работа и развој на овие средини.