Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев при работната посета на СВР Битола изјави дека во Битола, и во сите градови во внатрешноста постапката за издавање на личните документи е при крај.
-Не само во Битола, туку и во сите градови во внатрешноста постапката за издавање на личните документи е при крај. Во Битола бројката на променети пасоши и лични карти се одвива без гужви и во најнормални услови-рече Митко Бојмацалиев, дополнителен заменик министер за внатрешни работи.
На новинарско прашање за пресекот што го направиле службите и граѓаните што на пример имаат термин во септември, а се повикани во март, а тие што закажале термин навреме се на некој начин казнети со тоа што мора да чекаат да им дојде редот, дополнителниот министер Бојмацалиев изјави:
-Тоа е во организација на кабинетот на министерот, јас повеќепати сум разговарал дека треба да имаме фер однос према сите граѓани, да не се оди по друг редослед, сепак, тоа е одлука на министерот и така ја спроведе кол центарот што не во склоп на МВР туку избран преку тендерска постапка- изјави дополнителниот министер Митко Бојмацалиев.
Тој од раководството на СВР Битола беше информиран дека безбедносната состојба на територија на СВР Битола е задоволителна.
-Граѓаните се безбедни и полицијата е заедно со нив на терен и ги превенира сите несакани појави. Исто така бев информиран и за постигнувањата на СВР Битола, тука има одлични резултати, во борбата против дрогата, неовластено пуштање во промет на оружје, миграција на оваа територија нема што е за пофалба дека одлично се работи на тој дел. Исто така на територијата на СВР Битола се бележи намалување на сообраќајните незгоди со тешки телесни повреди и жртви- изјави дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев.
Тој додаде дека ќе се формираат штабови во сите сектори за внатрешни работи во државата, со цел одржување на фер, демократски и слободни избори.
-Од страна на раководството бев информиран дека во текот на вчерашниот ден имаа работна средба со директорот на БЈБ Сашо Тасевски и дека е формиран и штабот на централно ниво, а ќе се формираат штабови во сите сектори за внатрешни работи во државата, се со цел одржување на фер, демократски и слободни ибори и како во сите мои обраќања и денеска ја праќам пораката дека македонската полиција на чело со двајцата началници мора да работат исклучиво по закон и во интерес на граѓаните- рече при посетата на Секторот за внатрешни работи Битола, заменик министерот за внатрешни работи Митко Бојмацалиев.
Тој потсети дека во изминатите шест години биле реконструирани објектите на полициската станица во Битола, Прилеп, Кривогаштани, Крушево и Ресен и од буџетот на Министерството за внатрешни работи издвоени се 45 милиони денари за овие зафати, со цел полициските станици да добијат нов, модерен лик.
Васка М.Младеновска