Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, секретарот Борче Димитровски, координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски, и претставници од општинската администрација, денес извршија увид на воведните активности за отпочнување на проектот за „Реконструкција на улица „Бурса“ (Индустриска)“.
Градоначалникот Коњановски, информираше дека, создадени се потребните услови за непречена реализација на овој проект, така што, изведувачите веќе започнаа со работа на терен.
–Започнуваме со реконструкција на коловозот на уште една важна сообраќајница за градот која значително ќе го олесни функционирањето и ќе придонесе за растоварување на сообраќајот од тешки товарни возила на улица “Македонски гемиџии“-информираше градоначалникот Коњановски.
Со реконструкцијата на улицата „Бурса“ или позната и како „Индустриска“, се реализира едно долгогодишно барање на стопанствениците од овој дел на градот, со што значително ќе се подобрат условите за нивно непречено секојдневно работење.
Реконструкцијата се врши во должина од 2,4 километри, во вредност од 37.560.000 денари, а средствата се обезбедени од Светска банка во рамките на проектот за поврзување на локални патишта.
–Ова е уште еден од проектите што локалната самоуправа го реализира со тенденција за создавање подобри инфраструктурни услови во сите делови на општината- изјави градоначалникот Тони Коњановски.