Со нови инвестиции и нова опрема се подобруваат условите за учениците во Средното економско училиште „Јане Сандански“ во Битола.
Во изминатите шест месеци реализирани се повеќе проекти во насока на обезбедување безбедна, стимулативна и продуктивна работна атмосфера во училиштето. Набавена е ИКТ опрема и мебел, а неодамна со целосна инвестиција на Општина Битола, во вредност од 1.300.000 денари, завршено е партерното уредување околу училишната зграда и спортската сала на површина од 1000 метри квадратни и поставени се рефлектори на салата.
Со континуирани активности насочени кон подобрување на условите во средината во која се одвива наставниот процес, учениците и професорите од СОУ „Јане Сандански“, заедно со директорката Биљана Јанкуловска, денес го одбележаа Патрониот празник на училиштето.
На свеченото положување цвеќе на бистата на „Јане Сандански“, заедно со голем број гости, присуствуваше и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој на претставниците на училиштето им посака многу успеси во понатамшната заложба за напредок на училиштето и квалитетен воспитно – образовен процес.
Активностите продолжија со литературно читање и социјално – економски дијалог, а можностите кои ги нуди СОУ „Јане Сандански“ преку своите образовни профили, беа презентирани во рамки на „Отворениот ден“.