Седум македонски дизајнери и програмери сместени во Битола, како дел од тимот на интернационалната “Интел маркетинг“, придонесоа со креација на нова мобилна игра со проширена реалност, која наскоро ќе биде достапна за мобилните платформи.
Иако, претставништвото во Битола на “Интел маркетинг“ е отворено од јуни оваа година, тимот македонски дизајнери работи на “Рон Рик“ веќе шест месеци. Нивните задачи се да подготват концептуална уметност, да ги дизајнираат UX и UI елементите на играта, да креираат приказни и го креираа главниот протагонист.
Од промотивните видеа што можат да се видат “Рон Рик“ изгледа одлично.
Играта е создадена од “ Geo Reality Games“ од Лондон, врз Unity3D платформата, и со помош на интернационални тимови од Данска, Украина, каде што е креиран техничкиот дел од играта, и “Интел маркетинг“, со претставиштва во Шпанија, Украина, Индија и од неодамна Македонија.
“Рон Рик“ е игра со проширена реалност, која се манифестира со додадени информации врз реалноста што ја гледаме преку камерата на телефонот. Со “Рон Рик“, барем од тоа што го видовме во тизерот, се додава и друштвен сегмент на играта, каде разни играчи се натпреваруваат меѓу себе во реалниот свет, а се препознаваат преку проширената реалност.
Но, овие игри се релативно нов концепт, и иако се фасцинантни и забавни, им фалат играчи на едно место кои ќе можат да се натпреваруваат. Пример, “Ingress“ na Google е симната 7 милиони пати, и иако нема точна бројка колку од овие се активни играчи, проблемот е што тие се распространети ширум светот, па ќе треба да се намачите да најдете соиграч во ваша близина.
Настрана од добриот тизер, “Рон Рик“ ќе мора да биде направена беспрекорно ако сака да биде прва глобална игра со проширена реалност. Засега тимот на дизајнери на “Интел маркетинг“, кои иако се во Битола, успеаја да придонесат со одличен дизајн кон продукт кој ќе биде пласиран на глобалните пазари.
Според “Интел маркетинг“, во Македонија, иако е назад со иновациите, сепак има потенцијал. Можеби затоа и планираат да отворат нова канцеларија во Скопје, бидејќи, како што велат, веруваат дека има талентирани луѓе.
-Иако Македонија е назад во поглед на новите ИТ технологии, ние од “Интел маркетинг“ веруваме дека во Македонија има млади и талентирани луѓе со кои би можеле да работиме, а понатаму и да им обезбедиме нивен личен напредок преку најразлични курсеви и програми за изучување на најновите технологии кои “Интел маркетинг“ како интернационална фирма постојано ги следи, вели Соња Ангелевска.
Б.В.