Во рамките на проектот Урбана Агенда во саботата на 11 мај МКЦ-Битола ја организираше Изложбата на фанзини од работилницата за креативно пишување за млади.
Беа претставени крајните продукти од работилницата кЛИК, сЛИК – сподели кирилица под менторство на Марија Бошковска и Ивана Смилевска („Дума ин Сума“) и дизајн на Дарко Алексовски.
Почнавме од нула, работевме заедно и креиравме приказни, чувства, ликови и ситуации. Дури експериментиравме малку и со вештачка интелегенција (АИ), но само за визуелизација на ликовите од приказните. На изложбата на фанзини беше навистина убаво и шарено пред кафе барот Улаф Сте во Битола,велат од МКЦ Битола.
ШТО Е ФАНЗИН?
Мала книгичка, или фанзин е неофицијално издание создадено ентузијастички и панкерски, по „направи сам“ техника, а обработува одреден културен феномен, како на пример литературен или музички жанр. Фанзините се користат за споделување идеи и креативно изразување.
Едно златно девојче, една таинствена девојка, една среќна пијаница и многу љубов… Се само дел од книжевните ликови, гости на балот, направени со природна или со вештачка интелигенција преку непредвидливи кЛИКови и кирилични формули. Ликовите и нивните приказни се бројни и посебни, книжевно-имагинарни светови. Во нив ќе може да се влезе преку малите книгички – фанзини, со кои може да се споделува кирилица надвор од рамките на дигиталното објавување и комерцијалното издаваштво. Посетителите на изложбата можеа да си земат примерок од нивниот омилен фанзин.
Проектот Урбана Агенда – поддршка на независната културна сцена е финансиран од Швајцарската амбасада во Скопје.