Младите од Битола и Пелагонискиот регион на денешниот настан „Нова енергетска визија за Битола“ што се одржа на платото пред Офицерскиот дом преку креативни изработки промовираа решенија и иновации за намалување на потрошувачката на енергија и подобрување на енергетската ефикасност.
Марија Мерковска-Крушаревска од Младинскиот културен центар од Битола рече дека настанот „Нова енергетска визија за Битола“ што го организираа во партнерство со организацијата „Еко свест“ од Скопје има за цел да промовира нови иновативни методи за најгорливиот проблем загадувањето на Битола и заштитата на животната средина.
–На Саемот за технички изработки што го организиравме во партнерство со Средното техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ учениците ни се претставија со повеќе од десет изработки што ја симболизираат енергетската визија за Битола. Беа изложени и технички илустрации на учениците кои се одѕваа на Повикот за млади од 15 до 35 години, но, интерес покажаа и учениците заедно со нивните ментори од основните училишта. Беше претставена и симулација на кафе бар „Визија кафе“ во склоп на проектот „Битола без јаглен“, бидејќи на сите им е познато битолското кафе на Широк Сокак точно на пладне. Целта ни е да ги поттикнеме младите да излезат во јавноста со нивните креативни размислувања, ако имаме предвид дека вештачката интелигенција зема замав, да направат макети и да ја претстават нивната визија како треба Битола да изгледа во наредните 10-20 години-рече Крушаревска.
Жарко Конески раководител на Програмата за енергија во Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“ од Скопје истакна дека во партнерство со локалната самоуправа, МКЦ Битола и останати организации работат на Програмата за праведна транзиција.
–Во неа ќе бидат вклучени сите заинтересирани граѓани, институции и организации, кои ќе бидат дел од овој долгорочен процес кој ќе значи преобразба и понатамошен развој на Битола без јаглен со користење на иновативни и вистински решенија во енергетскиот и праведен развој на градот. Младите кои се нашите идни инженери треба да научат да се информираат и да ги кажат нивните решенија, иновативни креации и размислувања за тоа како ја гледаат визијата за Битола со нови иновативни решенија за подобрување на животот на сите преку алтернативни начини за користење на енергија-рече Конески.
Ученикот Димитар Србиновски од Средното техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ заедно со неговите соученици и ментори промовираше два проекти за енергетска ефикасност.
–Во едниот проект што е повеќе за домаќинствата имаме вентилатор што работи со помош на температурен сензор кој преку загревање почнува да врти побрзо а со самото ладење тој ја успорува брзината или целосно застанува. Во другиот проект ја промовиравме макетата од нашата визија за „паметен град“ поточно на улични светла кои се активираат преку сензор кој работи на светлина, а кога тој ќе биде во темно тие ќе се запалат-рече Србиновски.
Проектот „Битола без јаглен“ на Центарот „Еко-свест“ во соработка со Младинскиот културен центар Битола, има за цел да се подигне јавната свест за штетноста од користењето на фосилни горива при работењето на термоцентралите, особено во Битолскиот регион.
Васка М.Младеновска