Don't Miss
Home / Вести / Урбано зазеленување на паркот кај Довлеџик

Урбано зазеленување на паркот кај Довлеџик

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски информираше за динамиката со која се спроведуваат активностите од проектот „ЕУ за чист воздух“, со кој градот се оплеменува со над 1000 садници.

Целта на проектот е да се даде директен придонес кон намалувањето на еден од најгорливите проблеми за локалното население, а тоа е загадувањето на воздухот, како еколошки здравствен проблем број еден, кај нас и во ЕУ.

Кон крајот на третата етапа од засадувањето на 1500 садници на 10 локации во градот, преку проектот „ЕУ за чист воздух“, присуствуваме на урбаното зазеленување на паркот Довлеџик. На оваа локација, која практично опфаќа три дела, поточно делот на самиот парк, делот кон Педагошкиот факултет и делот кон претставништвото на Шкода, деновиве се засадуваат над 200 дрвја. Пред само неколку недели, во Градскиот парк ја започнавме реализацијата на проектот „ЕУ за чист воздух“, и со задоволство можам да констатирам дека за кратко време, градот е оплеменет со над 1000, веќе засадени садници. Во текот на вчерашниот ден, во Битола пристигна и последна испорака на садниците според утврдениот план, односно 349 садници од 8 видови. Согласно временските услови, се очекува и овие преостанати садници, да бидат засадени на претходно предвидените локации до крајот на годината-изјави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

Дрвјата се претходно избрани од стручни лица од проектот, во соработка со вработените ЈП „Комуналец“ во Битола, а исто така, избрани се и локациите, кои што се од посебно значење за жителите на општина Битола.

Проектот е финансиран од Европската Унија, а се имплементира од УНОПС во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.

За време на почетокот на реализација на проектот, веќе нагласив дека една од заложбите на локалната самоуправа, на која посветено работиме, е да обезбедиме подобра и поквалитетна животна средина за сегашните и за идните генерации, преку проекти, како овој, кои што даваат конкретни и видливи резултати. Со проектот „ЕУ за чист воздух“ се опфатени големи делови од населбите во Нова Битола, паркот кај Довлеџик, Градскиот парк, влезот во Битола од страната на Прилеп, делот кај Офицерскиот дом итн. Бројот на садниците ќе даде голем придонес во нашата заложба за поквалитетен воздух, за што сме благодарни до донаторите за реализацијата на овој проект, бидејќи 1500 садници се навистина голема и респектабилна бројка, која докажано ќе даде свој придонес за помало загадување на воздухот во градот. Уште еднаш сакам да истакнам дека овој проект се реализира во соработка со вработените во ЈП „Комуналец“, кои го подготвуваат теренот и ги реализираат засадувањата-рече градоначалникот Коњановски, на прес-конференција.

Тој потенцираше дека Општината Битола останува посветена на заложбата за обезбедување на поквалитетна животна средина, бидејќи граѓаните заслужуваат Битола да биде чист град и уште поубаво место за живеење.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*