Доајенот на Народниот театар од Битола, актерот Борис Чоревски, овогодинешниот добитник на највисокото општинско признание, наградата „4 Ноември“ за животно дело, денес, ја продолжи традицијата на засадување дрвце во Алејата на добитниците на наградите за животно дело.
На настанот присуствуваа градоначалникот Тони Коњановски, директорот на ЈП „Комуналец“, Горан Степановски и други гости.
Градоначалникот Коњановски изрази задоволство што на денешниот празник „Свети Никола“ се реализира оваа активност и ја истакна можноста, во блиска иднина да се исправи неправдата спрема сите останати добитници на 4 Ноемвриската награда пред 2018 година и да се засадат дрвца во Алејата на добитници на наградата за животно дело.
Актерот Чоревски најпрво го честита празникот „Свети Никола“ на сите што го празнуваат и ја искажа својата благодарност кон Општина Битола и Советот на Општина Битола и сите оние кои одлучуваа да му се додели наградата за животно дело.
–Оваа награда ми значи многу, со своето постоење во овој град , со својот живот веќе 75 години јас сум среќен и радосен што сум добитник на оваа награда како признание на она што сум направил во Битола -рече Чоревски.