Don't Miss
Home / Вести / Мицкоски: Работиме на решение кое ќе гарантира дека ќе го изодиме патот до крај, но, преговори за идентитетски прашања не доаѓаат во предвид

Мицкоски: Работиме на решение кое ќе гарантира дека ќе го изодиме патот до крај, но, преговори за идентитетски прашања не доаѓаат во предвид

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во интервју за МРТ од ЕУ Самитот посветен на земјите од Западен Балкан во однос на проблемот со Бугарија истакна неговата дискусија на Самитот се водеше од тоа дека потребно е решение кое ќе гарантира да го изодиме патот до крај, но преговори за идентитетски прашања не доаѓаат во предвид, додека договорите со соседите треба да се читаат такви какви што се бидејќи во двата ни ветуваат безусловна поддршка на патот кон ЕУ.

Тоа беше и мојата дискусија и вчера и денеска дека билатералната соработка е клучна кога зборуваме за економска соработка, туризам, кога зборуваме за развој на „кноw хоw“ вештини, образование и тука тој процес има додадена вредност. Но доколку билатералните разговори и преговори се однесуваат на идентитетските прашања, тогаш тој процес никако не може да заврши успешно бидејќи е поврзан со емоција– потенцираше премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски додаде дека секој процес кој е поврзан со емоцијата тогаш не може да биде процес кој ќе се темели на напредок, квалитет на испорака, резултати.

Затоа замолив емотивните билатерални прашања да ги оставиме настрана и да ги читаме правилно договорите. Не може за едниот договор да важи правилото „Pacta sund servanda“, а за другиот да не важи. Што е заедничко за нив, тоа е дека и едниот и другиот договор велат дека земјите членки кои се втора страна во едниот Грција, во другиот Бугарија треба безусловно да не поддржуваат. Никаде, посебно во Договорот за добрососедство не стои реченицата или делот кој нас не обврзува на уставни измени. Ајде правилно да ги гледаме работите, на вистината мора во очи да и погледнеме, не онака како што нас ни одговара и да покажуваме политички мускули и на тој начин да ги вртиме работите. Јас сакам да ги гледам работите такви какви што се, и едниот и другиот договор ветуваа безусловна поддршка од нашите соседи за нашиот пат кон полноправно членство во рамки на Европската Унија-рече премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски нагласи дека билатерална соработка за идентитетски прашања не доаѓа во предвид, затоа што тука има емоција, нема рационално.

Никому не оспоруваме ништо и не сакаме нас да не оспоруваат, тоа е мојата порака и вчера и денеска. Мојот многувековен идентитет е мој многувековен идентитет, мојот мајчин македонски јазик е мој мајчин македонски јазик кој има вековни корени. Било кој ќе отвори тема на овие прашања, тогаш тој не му мисли добро ниту на соседот, а уште помалку ги почитува европските вредности коишто велат обединети во различностите. Ценам дека направивме многу и тука и ние како влада и министерството за надворешни работи и надворешна трговија и министерството за европски прашања во изминатиов период, многу работевме за да можеме денеска отворено да ги зборуваме работите и да бараме решение, но не решение кое ќе не доведе да ја прескокнеме првата пречка, туку да го изодиме патот до крај. Веќе на секој му е јасно, ќе најдеме решение, а ние како влада сме подготвени да работиме колку што е потребно за да дојдеме до тоа решение– изјави премиерот Мицкоски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*