Улицата во која се снима филмот на Шербеџија, „Ослободувањето на Скопје“, е сосема автентична како за време на бомбардирањето на Битола во текот на војната. Со исклучок на неколку други куќи, кои се зачувани на улицата, најголем број од нив се целосно руинирани и дотраени, така што постои опасност во секој момент да се срушат и да потиснат некој од минувачите
Исчезнува старата архитектура во Битола
Една изложба на разгледници од минатото на Битола на битолскиот иселеник во Канада, Димче Најдов, кој својата носталгија за Битола ја лекува(л) со собирање стари разгледници од Битола, и неколку сцени од филмот „Ослободувањето на Скопје“, кој деновиве се снима во Битола, не само што ги вратија сеќавањата на битолчани во мрачното минато туку во голема мера ја покажуваат и суровата денешна реалност на Битола.
Меѓу многубројните разгледници од минатото на Битола на авторот Најдов една најмногу го привлече вниманието на битолчани. На разгледницата, која е сликана во самиот центар на градот, може да се забележи дека само една куќа од многуте околу неа е релативно здрава, додека сите други се целосно разрушени и уништени, буквално до темел.
Битола како Верден
Токму таа разгледница го потврдува тоа што историчарите и хроничарите на Битола со години го тврдат дека Битола, покрај францускиот град Верден, кој бил речиси срамнет со земјата, е еден од најбомбардираните градови во Првата светска војна во Европа, која буквално била целосно уништена.
Таа разгледница ги покажува сите страдања на Битола и битолчани во тој период.
Но и покрај таквите силни бомбардирања, како и подоцнежните рушења на старото градско јадро и чаршијата, во времето на социјалистичката „обнова“, кога се рушеа старите објекти за да се прават големи плоштади од кои политичките комесари требаше да му се обраќаат на народот, Битола некако успеа да сочува барем дел од својата стара архитектура, со која се гордее(ше) сите овие години.
Деновиве некои кадри од филмот на Шербеџија, „Ослободувањето на Скопје“, кој се снима во една од улиците на централното градско подрачје, Кирил и Методиј, ја потврдија суровата реалност во која се наоѓа Битола, како и сознанието како со забрзано темпо исчезнува старата архитектура во градот.
На Шербеџија не му требаше никаква дополнителна сценографија за да ги направи своите атрактивни филмски кадри во руинираните згради во Битола, во кои се одвива дејството на филмот. Доволно му беше да постави знамиња на фашистичките земји, да закова некои штици на празните прозорци и да нѐ врати во тој мрачен период од тешките бомбардирања на Битола.
Куќите во кои се случува дејството на филмот се навистина целосно руинирани и дотраени, па многумина на шега, со огромна доза цинизам, се прашуваат дали тие ќе го издржат товарот на времето додека се снима филмот. Иако се наоѓаат само на стотина метри од популарниот Широк сокак, каде што благодарение на вложувањата на Министерството за култура е зачуван стариот сјај на Битола и нејзината стара архитектура, улицата во која се снима филмот навистина е автентична како за време на бомбардирањето на Битола.
Со исклучок на неколку други куќи, кои се зачувани на улицата, најголем број од нив се целосно руинирани и дотраени, така што постои опасност во секој момент да се срушат и да потиснат некој од минувачите.
Иронијата да биде поголема, токму кога Шербеџија ги поставуваше стативите од камерите за снимање на филмот, наспроти Центарот за култура, багерите ги срушија темелите на една куќа со препознатлива стара архитектура, каде што треба да никне нов мал хотел.
Навистина жална е сликата за дереџето во кое се наоѓа моментно старата архитектура во градот под Пелистер.
Жална слика
Дали поради негрижа на државата или, пак, затоа што сопствениците на куќите одамна го напуштиле градот, па нема кој да се грижи за нив, или поради тоа што куќите имаат голем број наследници, па тие не можат да се договорат за нивната судбина, најголем број куќи од старата битолска архитектура буквално пропаѓаат. Директорката на Заводот и музеј, Лилјана Христова, вели дека Битола има околу 2.000 стари куќи, со препознатлива стара битолска архитектура, кои главно се изградени во централното градско подрачје. Некои од нив се во државна сопственост, но голем број се сопственост на приватни лица, вели Христова.
– Тешко може да се каже колку стари објекти има во Битола што имаат препознатлива стара архитектура. Но, според некои податоци, нивниот број се движи од 1.500 до 2.000 објекти. Тоа што со сигурност можам да го кажам е дека над 200 стари објекти во Битола се заштитени со посебни решенија и без соодветна согласност и одобренија врз нив не е можна никаква интервенција – вели Христова. Таа додава дека голем број објекти што не се заштитени со закон се заштитени врз основа на тоа што се наоѓаат во амбиентална улица или, пак, во Старата битолска чаршија.
Најголем број од старите објекти со Законот за денационализација им се вратени на сопствениците, па така голем дел од нив денес се сопственост на приватни лица, на Еврејската или на Исламската верска заедница, кои главно ги има во Старата битолска чаршија. Иако некои од нив се спасени од пропаѓање во последен момент, сепак најголем број стари објекти се оставени на забот на времето.
Старата архитектура грижа на младите уметници
Некои битолчани се убедени дека, доколку работите продолжат вака, битолчани ќе се сеќаваат на старата архитектура во градот единствено по старите разгледници или по цртежите на учесниците на меѓународната ликовна колонија на „Малиот битолски Монмартр“, „Старата архитектура на Битола“, која секоја година во мај ја организира детското ликовно студио „Кирил и Методиј“.
Многу стари зданија што во минатото биле вистински палати, од каде што се слушал звукот на клавирите и од каде што за прошетка по битолското корзо излегувале битолските грации со своите раскошни тоалети, денес едноставно се напуштени и заборавени и претставуваат сериозна опасност по граѓаните.
Врталишта на наркоманите
Во некои од нив, наместо вистинските сопственици, „вселени“ се некои битолски бездомници или наркомани, кои во нив ги организираат своите ноќни сеанси.
– Ова е страшно што се случува. Куќата што одамна е напуштена и која никој од нас не знае чија е, покрај тоа што подолго време е вистинска депонија, во која секој носи отпад од каде што ќе стигне, во последно време стана гнездо за наркоманите, кои се собираат тука секоја вечер. Насекаде во собите и визбите има расфрлани шприцеви за дрогирање – предупредуваат соседите на улицата Јане Сандански.
Таму има неколку куќи со прекрасна стара архитектура, кои на времето сигурно биле раскошни палати, а денес се заборавени и од луѓето и од времето, вистински руини, во кои сврталиште единствено нашле наркоманите.
Состојбата со напуштените и руинирани куќи со стара битолска архитектура во Битола во последно време добро им дојде на некои новопечени богаташи, кои едвај чекаат да паднат куќите, па на нивните темели да изградат нови станбени објекти, кои подоцна ги продаваат по 800 евра за квадратен метар.
Па така, во последно време може да се забележи како на местата на некои руинирани куќи со стара битолска архитектура прекуноќ никнуваат станбени згради со по неколку стана.
Автор: Менде Младеновски
Фотографии: Сашо Ристевски