Don't Miss
Home / Градска хроника / Битолчани на полагање за возачки испит во Поешево?!

Битолчани на полагање за возачки испит во Поешево?!

Наскоро ќе се навршат повеќе од две и пол години откако Битола, градот што според некои статистики има најмногу автомобили во државата, е без полигон за обука и полагање возачки испити.

Толку време помина откако Секторот за управно-надзорни работи на МВР му стави „пломба” на полигонот за почетно оспособување на кандидатите за полагање возачки испити што се наоѓаше во кругот на спортската сала „Младост”.

Откако градот остана без полигон, битолчани мораат дури речиси две и пол години за обуки и полагање да патуваат во соседните градови Прилеп или Ресен.

Иако во локалната самоуправа во Битола уверуваат дека проблемот со изградбата на полигонот сѐ уште не е решен и дека засега овој проблем е статус кво, сепак се чини дека решавањето на проблемот се наѕира.

Ако се суди според она што го видовме, се чини дека наскоро битолчани, наместо во соседните градови, каде што сега ги вршат практичните обуки за возачки испит, ќе одат во битолското село Поешево.

Имено, во непосредна близина на Поешево, кое се наоѓа на пет километри од Битола, веќе во напредна фаза е изградбата на полигонот за обука и полагање возачки испит. На една приватна нива, пред селото Поешево, се гради полигон за обука и за полагање. Парцелата речиси цела е поплочена со бекатон-плочки, а изграден е висински насип за обука на возачите за возење под рачна кочница.

Но и покрај сите обиди да дознаеме кој е инвеститорот на изградбата на полигон за обука и полагање за возачки испити, во селото Поешево не добивме одговор. Многумина поешевци дури се сомневаат дека инвеститорот е од Поешево.

poligon 1

Интересно е дека можноста за изградба на полигон за обука и полагање ја најави пред неколку месеци, на седница на советот, претседателот на Комисијата за урбанизам и комунални дејности, Златко Милошевски, кој истакна дека постои иницијатива на приватен инвеститор за изградба на полигон во Поешево.
– По „пломбирањето” на полигонот за обука и полагање за возачки испити кај спортската сала „Младост”, се споменуваа повеќе локации на кои би можел да биде изграден новиот полигон. Првата идеја беше еден таков полигон да се изгради до локалната телевизија Орбис, во брусничко-лавчанскиот реон во нова Битола, каде што, покрај изградба на полигон, беше предвидена изградба и на други содржини. Но поради технички причини и одредени проблеми со земјиштето, таквиот урбанистички план не беше потпишан од страна на градоначалникот Владимир Талески.

Затоа, Комисијата за урбанизам при советот на општината Битола го повлече планот за изградба на полигон на таа локација. Подоцна до Комисијата за урбанизам и комунални дејности стигнаа две иницијативи за измени на деталниот урбанистички план и изградба на полигон. Едната е таков полигон да се изгради во близината на селото Кукуречани, а другата кај селото Поешево, но, колку што мене ми е познато, сѐ уште од страна на Министерството за урбанизам тие урбанистички планови не се одобрени – уверува првиот човек на Комисијата за урбанизам и комунални дејности, Златко Милошевски.

Во локалната самоуправа на Битола немаат никакви информации дека во селото Поешево се гради полигон за обука и за полагање за возачки испити.

– Општината веќе подолго време има поведено постапка за измени на деталниот урбанистички план за изградба на полигон на излезот од Битола. Но засега сѐ уште овој урбанистички план не е одобрен од Министерството за транспорт и врски. Покрај општината, таква иницијатива за измени на деталниот урбанистички план има поднесено и еден приватен инвеститор, кој има намера да гради полигон кај селото Поешево, но, колку што мене ми е познато, неговиот проект не е одобрен од Министерството за транспорт и врски. Тоа што тој веќе наводно градел полигон е негов проблем и на негов ризик – вели секретарот на општината Битола, Слободан Бончановски, според кого на добивањето маркица за изградба на полигон за обука и полагање возачки испит во Битола ќе се чека најмалку уште неколку месеци.

За изградбата на полигон за полагање возачки испити, градоначалникот Владимир Талески вели дека Битола како град нема никакви законски ингеренции да гради полигони за обука и полагање за возачки испити, но општината имала доставено урбанистички план за изградба на полигон, кој бил вратен на доработка.

– Изведувачите неодамна го доработија таквиот урбанистички план и тој повторно е во Министерството за транспорт и врски. Ако дадат согласност оттаму, ние во најбрз можен рок ќе го поставиме на седница на советот и ќе го прифатиме. Потоа нека повелат инвеститорите да градат полигон – вели битолскиот градоначалник Талески.

Инаку во изминатиот период проблемот со немањето полигон за обука и полагање возачки испити во Битола, покрај тоа што предизвика нервоза и револт кај битолчани, во многу наврати беше повод и за жестока политичка дебата.

Покрај тоа што смета дека срам е за Битола што нема полигон за обука и полагање за возачки испити, опозицијата мисли дека во овој случај се кријат и бизнис-интереси.

– Две и пол години Битола нема полигон за вежбање и полагање возачки испит. Кандидатите за возачи се упатуваат да полагаат на полигоните во соседните градови, што ги чини двојно поскапо. Ова е срам за град како Битола. Зарем не е срамота Прилеп да има два полигона, Ресен еден, а Битола ниеден? Чии бизнис интереси се штитат со неотворањето на полигон во Битола – прашува советникот од СДСМ, Горан Козаров, кој изразува сомневање дека ситуацијата не се решава бидејќи на овој начин се штитат нечии бизнис-интереси.

Инаку, да потсетиме, како причини за забраната на полигонот за полагање возачки испити од МВР ги наведуваа неисполнувањето на соодветните сообраќајно-технички услови и стандарди во согласност со техничките прописи и немањето соодветна вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација. Иако затворањето на полигонот тогаш многу ги изненади битолчани, сепак малкумина веруваа дека Битола ќе остане без полигон цели две и пол години.

 

Б.В.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*