Јавното претпријатие “Пазари“ од Битола, покрај инвестициите во централниот Градски пазар, со што истиот ќе добие целосно нов модерен лик, деновиве инвестира и во Реонскиот пазар во Нова Битола.
Станува збор за покривање на просторот помеѓу самите тезги, а инвестицијата изнесува нешто помалку од 500 илјади денари. Воедно, од ЈП “Пазари“ инвестираат и во разубавување на Пазарот во Нова Битола, со поставување клупи за седење и жардиниери со цвеќиња, а направена е и реорганизација на тезгите за продажба.
-Намерата како Јавно претпријатие “Пазари“ ни е покрај Централниот пазар во Битола, исто така и Реонскиот во Нова Битола да добие нов лик. Конкретно нов лик (ќе) добие просторот што е определен за продажба на текстил. Воедно, направена е реорганизација и на самите тезги во Реонскиот пазар, со што се доби поширок простор каде ќе бидат поставени клупи за одмор, како и жардиниери со цвеќиња за разубавување на пазарот на задоволство на граѓаните. Воедно, на дел од пазарот беше направено бојадисување на надворешните ѕидови и влезовите во пазарот каде што се продаваат зеленчук, овошје и текстилна стока- информираше директорот на Јавното претп-ријатие “Пазари“ од Битола, Сашо Стаматов.
Од Јавното претпријатие “Пазари“ додаваат дека со инвестициите ќе продолжат и во иднина, на задоволство на граѓаните од Битола и околината.
Б.В.