Викендов, Скопско и Тетовско ги зафати вистинско невреме, кое однесе десетици човечки животи и предизвика огромна материјална штета на илјадници лица.
Прогнозите на метреолозите дека над Македонија, од областа на Медитеранот се движи огромна нестабилна водена маса, која може да предизвика силни поројни дождови, за жал се остварија.
Ниту силниот ветер, кој дувал со брзина од 70 км на час, ниту пак очекувањата на синоптичарите дека водената маса ветерот ќе ја однесе во соседна Србија или другите соседни земји, не се остварија.
За несреќа, водената маса која била како водена бомба “ ескплодира” токму над Скопско и Тетовско предизвика вистинско водено цунами, во кое животот, до моментот кога го пишуваме овој текст го загубија над дваесетина лица, а стотици беа повредени.
Но, поводот за оваа колумна не е невремето кое го зафати Скопско и Тетовско.
Тоа според зборовите на најголемиот број жители, кои најмногу ги почуствуваа последиците од невремето е господова работа.
Во оваа колумна немам намера да се занимавам ниту со тоа дали надлежните државни институции, особено тие за кризни ситуации можеа подобро да се подготват за справување со невремето или не, ниту пак за нашата (не)организираност во справувањето со кризни ситуации.
Поводот за овој текст е начинот на кој македонските национални електронски медиуми, кои во изминатите години собраа најмногу средства од државата за (дез)информирање на јавноста, а особено на јавниот сервис, ја
“ информираа“ јавноста за случувањата со невремето и последиците од него.
Иако цела ноќ во саботата спроти неделата, жителите на главниот град во Скопје и Тетовско се соочуваа со вистинска животна и човечка драма, во која беа загрозени илјадници семејства, јавноста во Македонија буквално не беше воопшто информирана за тоа што се случува.
Покрај информативниот молк за случувањата на теренот на комерцијалните телевизии, речиси целосен молк едно цело деноноќие владееше и на јавниот сервис, на сите три канали, кој наместо да информира за поплавите во Скопско и Тетовско вечерта информираше за случувањата во Рио.
Тоа што посбено загрижува е што таков “договорен “молк на националните електронски медиуми владееше дури речиси до 13 часот и во неделата.
За поплавите во Скопско и Тетовско и последиците од нив, граѓаните на Македонија освен на социјалните мрежи можеа да се информираат и од медиумите од соседните држави, отколку од македонските медиуми, кои ги плаќаат.
Додека многу странски електронски медиуми веста за поплавите во Скопско и последиците од нив на своите програми ги објавуваа како “брејкинг њуз” на македонските телевизии, едноставно се до пладне во неделата владееше вистински молк.
Медиумите, кои во најголем дел ги собираат парите од државата за информирање на граѓаните во моментот кога илјадници наши сограѓани во Скопско и Тетовско се соочуваа со вистински човечки и животни драми, на нивните програми се емитуваа музички програми, турски серии, или комерцијални “Топ шоп емисии”.
Така на МРТВ, во неделата до пладне, наместо вести и јавувања во живо, од теренот, можевме да гледаме емисија за земјоделците “ Аграр”.
На Сител телевизја до 13 часот, во неделата гледавме “Македонски народни приказни “ , а на “Сител 3
“ Рибарски вистини”.
На Канал 5 телевизија, се до вклучувањето од прес-конференцијата на Комитетот за кризи, гледачите можеа да гледаат Македонски народни приказни, на ТВ Алфа се емитуваше емисијата за кулинарство на Андријана Алачки ” Вкусот на традицијата , на ТВ 24 вести одеше емисијата “ Топ Шоп”, а иста таква емисија се емитуваше и на “опозиционата “ ТВ Телма.
Ваква (не)професионалност на македонските електронски медиуми, кои во сите изминати години главно ги добиваат најголемиот дел од парите како од компаниите, така и од државата, за навремено точно и вистинско професионално информирање на граѓаните, не паметиме.
Посебна критика за таквиот молк заслужува јавниот сервис на МРТВ кој го плаќаат граѓаните и кој е должен навремено и точно да ја информира јавноста за тоа што се случува во државата.
Во изминатите месеци бевме сведоци на жестока партиска дебата и политичка борба на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ околу “ деполитизацијата” на медиумите, а посебно на “ на јавниот сервис” пред престојните избори.
Иако ваков каков што е јавниот сервис и кого едноставно никој не го гледа, освен за време на спортските настани кои ги има откупено, навистина загрижува импотентноста на уредувачкиот тим на МРТВ кој и во вакви кризни ситуации, со тешки последици по граѓаните на Македонија, наместо да информира, едноставно се определува да молчи, како што постојано тоа го прави во сите изминати години, кога е во прашање информирањето на граѓаните.
На случајот со поплавите во Скопско и Тетовско паднаа и сите комерцијални електронски медиуми, кои се определија за невообичаен долг информативен молк.
Но токму нивното молчење, најгласно зборува за нивната непрофесионалност и уредувачка политика, која во изминатите години главно се сведува на тоа да читаат вести и информации кои друг им ги пишува, а најчесто им ги уредуваат партиските штабови.
А кога партиите се ставаат во улога на уредници, тогаш не треба да се чудиме што медиумите молчат, макар и во вакви кризни ситуации и природни непогоди, бидејќи тие научиле некој друг да им каже кога и како да проговорат.
Да не е жалосно, би било премногу смешно.
Автор: Менде Младеновски