Don't Miss
Home / Колумни / Трета среќа

Трета среќа

Конечно лидерите на четирите политички партии се договорија и ги ставија своите потписи на Договорот, на 11 декември во Република Македонија да се одржат предвремени парламентарни избори.

Откако претходно преговарачките тимови ги усогласија сите свои разлики, Груевски, Заев, Ахмети и Тачи го потпишаа Договорот за одржување на изборите, кои му го подготвија странците, а нашите политичари, брзајќи истиот да го потпишат не најдоа време ниту да го преведат, па својот потпис го ставија на договор напишан на англиски јазик.

Веднаш по потпишувањето на Договорот за одржување на изборите, политичките партии во Парламентот уште еднаш ја (ре)изрбаа преодната влада која треба да ги подготви и спроведе изборите, а во која влегоа ново-старите министри и заменици министри, кои ја сочинуваа Владата за изборите на 5 јуни, кои не се одржаа, а кои за време на својот кус мандат единствено што работеа тоа беше меѓусебно обвинување и поднесување на кривични пријави едни против други.

Во меѓувреме,  на врат на нос беше избрана новата главна уредничка на МРТВ, Санта Аргирова, која на чело на јавниот сервис застана како (не)зависен новинар, која едно време и беше портпаролка на министерката за надворешни работи, во Владата на СДСМ, Илинка Митрева.

Во брзањето да не се пробијат роковите за одржување на изборите, во последен момент беше избрано и ад хок телото за следење на медиумите.

Партиите во меѓувреме го прочистија избирачкиот список и дадоа заедничка изјава дека списокот е исчистен, па по него граѓаните ќе можат на 11 декември да гласаат.

Сега, кога се е подготвено за одржување на изборите се чини дека овојпат, за разлика од 24 април и 5 јуни, кога не се одржаа изборите, сепак истите ќе се одржат и дека на 11 декември, граѓаните на Македонија конечно ќе можат на слободни фер и демократски избори да одлучат кому ќе му ја дадат довербата да ја води државата во наредните 4 години.

Дали овојпат лидерите на четирите партии ќе опстојат на договорот да се одржат изборите, или во меѓувреме тие повторно ќе најдат причини истите повторно да ги одложат, засега никој незнае.

Но, се чини дека овојпат, лидерите на партиите ќе опстојат на својот збор и нема уште еднаш да ги одложат изборите. Дека двете најголеми политички партии се цврсто решени да одат на избори најдобра потврда е реториката по која тие меѓу себе се обвинуваат дека противничката партија се плаши од соочување со народот.

Така ВМРО-ДПМНЕ наводно е среќна што ја довела СДСМ во ситуација да нема кај да бега и да ги прифати изборите, а СДСМ пак не крие дека конечно ВМРОДПМНЕ, притисната од опозицијата и меѓународната заедница, конечно ги прифатила сите услови за одржување на изборите.

Доколку се остане како што е договорено, на 11 декември Македонија повторно ќе излезе на нови предвремени избори.

На тој начин треба да се реши политичката криза во државата која цели две години, ја преокупира и оптоварува македонската и меѓународната јавност. Сега останува во наредниот период партиите да ги одберат своите кандидати со кои ќе се обидат да ја добијат довербата на граѓаните.

Но како што стојат работите и во кандидатските листи нема да има многу изненадувања, туку на новите кандидатски листи речиси сигурно ќе се најдат старите и веќе познати фаци од пратеничките клупи, во кои некои го поминаа целиот свој работен век.

Граѓаните на Македонија нема ни многу ново да слушнат за програмските цели на партиите.

Јавноста повторно ќе биде бомбардирана со истите стари и веќе стотици пати слушнати теми и дилеми, обвинувања за криминал, непотизам, корупција…

За време на кампањата сигурно нема да изостанат и прашањата за името и спорот со Грција, кое во изминатите 25 години ниту една политичка партија не направи ништо да го реши, иако министрите за надворешни работи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ речиси по неколкупати го обиколија светот на разно разни состаноци за наоѓање компромисно решение.

Сега, кога изборите се закажани на потег се граѓаните. И овојпат, како и во сите други прилики народот ја има судбината во свои раце. Народот е тој кој со својот глас, даден по своја слободна волја ќе одлучи кому ќе му ја даде довербата.

Иако сите се убедени дека ќе слават победа, сепак се чини дека на сите им е јасно дека овојпат трката за пратеници ќе биде неизвесна до самиот крај, а битката беспоштедна.

Повторно ќе се оди од човек до човек, од врата на врата. Партиите ќе ветуваат се и сешто. Тие повторно ќе се обидат да ни ги остварат сите наши барања, или соништа. Колку на таквите ветувања тие ќе им веруваат

е нивно право. Но,  тоа што овојпат треба и мора да се случи е вечерта на 11 декември, пред раѓањето на новиот ден, 12 декември, поразениот лидер на изборите, да собере храброст и да му ја честита победата на победникот.

Тој потег ќе биде првиот чекор на Македонија кон цивилизираниот свет, кон кој тежнееме, сите овие години.

Секое идно непризнавање на резултатите на изборите ќе значи влегување во нова и нерешлива политичка криза, чиј крај никој не ќе може да го предвиди.

 

 

 

Автор: Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*