В сабота, започнува најновото 37. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки” што од десетти и до 17 септември ќе се одржува во Битола.
На годинашниот филмски фестивал ќе бидат реализирани десет различни филмски програми, и ќе бидат прикажани 150 филмови, од педесет држави во светот.
Воедно, ќе бидат доделени наградите за животно дело, годинава, за двајца великани на светската кинематографија, Роби Милер и Џон Сил, а добитник на специјалната „Златна Камера 300” ќе биде Федон Папамихаил.
Годинашни ѕвезди на филмскиот фестивал “Браќа Манаки” се кинематограферите, истакна првиот човек на Фестивалот, Благоја Куновски- Доре притоа додавајќи дека три врвни светски кинематограферски имиња ќе бидат дел од годинашниот Фестивал.
– Во конкуренцијата за златна, сребрена и бронзена „Камера 300” овој пат ќе бидат четиринаесет врвни кинематограферски остварувања кои се селектирани од водечките светски филмски фестивали во Кан, Берлин и Венеција, а по еден и од Карлови Вари, Ротердам и Гетеборг-информираше директорот на Фестивалот, Благоја Куновски- Доре.
На фестивалското платно прва проекција ќе биде македонската премиера на филмот „Ослободувањето на Скопје” во режија на Раде Шербеџија.
Фестивалот ќе го затвори премиерата на новиот македонски игран филм „Златната петорка” во режија на Горан Тренчовски и ќе биде прикажан надвор од конкуренција.
Од ИФФК „Браќа Манаки” потврдија дека седуммина од кинематограферите од главната програма ќе бидат гости во Битола, а Интернационалното жири ќе го предводи американскиот кинематографер и режисер Федон Папамихаил, кој, воедно е и годинашен добитник на “Специјалната камера 300” за особен придонес во светската филмска уметност.
Во жирито ќе членуваат и Клер Пијман, кинематограферка од Холандија, Алин Ташчијан, филмска критичарка и претседателка на Меѓународната асоцијација на филмски критичари “Фипресци”, Ѓокан Тирјаки, кинематографер од Турција и Владимир Самоиловски, кинематографер од Македонија.
Друштвото на филмски професионалци на Македонија (ДФРМ), наградата „Голема Ѕвезда” за исклучителен придонес за македонската кинематографија ќе му ја додели на светски познатиот продуцент Сајмон Пери, кој го продуцираше најуспешниот македонски филм „Пред дождот”.
За време на фестивалот “Браќа Манаки” во Битола ќе бидат емитувани и поновите остварувања на филмските автори од Македонија, со кратки играни и документарни филмови и еден целовечерен игран филм, информираат организаторите на годинашното 37. издание на филмскиот фестивал “Браќа Манаки” што традиционално се одржува во Битола.
Б.В.