Кога во далечната 1979 година беа промовирани идејата и иницијативата за организирање фестивал на филмската камера, главната цел на тогашните иницијатори беше да се организира фестивал во кој главни ѕвезди ќе бидат кинематограферите.
Таквата идеја беше за да се организира фестивал на филмската камера со кој ќе се промовираат и зачуваат името и делото на браќата Милтон и Јанаки Манаки, првите сниматели на Балканот што ја донесоа првата филмска камера 300 во Битола, но и да се вреднува квалитетот на луѓето што постојано се зад камерите.
Тогаш, пред 37 години, таквата идеја со задоволство беше прифатена и поддржана не само од љубителите на филмот во Битола туку и од сите кинематографери, бидејќи добија единствен фестивал во светот на филмот.
Долги години „Браќа Манаки“ беше фестивал во кој главниот збор го имаа кинематограферите, кои се осудени секогаш да бидат зад камерите и во најголем број случаи нивната улога, или филмско остварување да биде забележано на одјавните шпици, со ситни букви, кои едвај можат да ги прочитаат и тие што ги напишале.
Иако во некои периоди имаше излети во организацијата, сепак, како по правило, секогаш главниот збор го имаа кинематограферите.
Но во изминатите неколку години, откако на чело на фестивалот дојде актерката Лабина Митевска, кинематограферите повторно се најдоа зад камерите, но и зад завесата на филмското платно, а во главна улога се најдоа актерите.
За тие неколку години на црвениот килим пред Центарот за култура поминаа филмските ѕвезди: Викторија Абрил, Дерил Хана, Кетрин Денев, Жилиет Бинош, Бруно Ганц…
Сите тие, кои, рака на срце, имаат извонредна артистичка кариера и со чие доаѓање доста придонесоа за афирмација на фестивалот, прекуноќ се најдоа во главна улога и во центарот на вниманието на љубителите на филмот во Битола.
Иако некои од нив во Битола доаѓаа само на ден пред почетокот на фестивалот и некои остануваа уште неколку часа по свеченото отворање, сепак, благодарение на нивната популарност и пиар-промоцијата, се добиваше впечаток дека „Браќа Манаки“ не е повеќе фестивал на филмската камера, кој се одржува во чест на кинематограферите, туку е за глумците.
Нивното појавување и чекорење по црвениот килим станаа главна вест во медиумите.
Тие неколку години не беше поставувано прашањето кои кинематографери ќе допатуваат во Битола и кои филмови ќе ги гледаат љубителите на филмот во официјалната конкуренција, туку која филмска ѕвезда ќе дојде на фестивалот.
Во зависност од нивното (не)доаѓање не само што беше одредуван буџетот за фестивалот туку беше одредуван и датумот за (не)одржување на фестивалот.
Кинематограферите, во чија чест се одржуваше фестивалот, мораа да се задоволат со својата епизодна улога.
Наместо на својот фестивал да бидат во центарот на вниманието на посетителите на фестивалот, тие мораа да се задоволат со тоа повторно да бидат надвор од фокусот на вниманието.
И кога годинава организаторот се потруди да им го врати фестивалот на кинематограферите, за кои всушност и се организира, некои во Битола самонаречени познавачи на филмот и филмски работници, поддржувани од одредени битолски локални електронски медиуми, уште на самото свечено отворање почнаа да леат крокодилски солзи зошто на годинашниот фестивал немало ѕвезди и особено зошто во Битола не дошла Моника Белучи.
Некои од тие локални ТВ-лица дури отидоа дотаму што недоаѓањето на Белучи или друга филмска ѕвезда го сметаа како почеток на крајот на фестивалот, а таквата своја дефетистичка најава ја поткрепуваа со тоа што, наводно, поради немањето ѕвезда на фестивалот, годинава откажале и спонзорите, кои во изминатите години редовно го поддржуваа фестивалот „Браќа Манаки“ и тука се промовираа.
За сите нив не беа никакви ѕвезди на фестивалот седумте кинематографери што се вклучени во главната програма, ниту американскиот кинематографер Федон Папамихаел, кој има снимено над 40 филма со врвни артисти, ни Џон Сил, кој е еден од врвните не само австралиски туку и светски кинематографери, потписник на неброен број извонредни филмови и филмски остварувања.
Затечен од таквите „лелекања“, директорот на филмскиот фонд на Македонија Роберт Насков, настојувајќи да ја објасни концепцијата на фестивалот, а служејќи се со спортски речник, дури отиде дотаму да објаснува дека Џон Сил, кој од Австралија со својата сопруга допатува во Битола да ја прими наградата за животно дело „златната камера 300“ и кој зрачеше со својата скромност е она што е Лионел Меси во фудбалот.
„Не знам зошто толку некои луѓе и медиуми упорно тврдат дека годинава на фестивалот немало ѕвезди. Па Џон Сил, тие што ја познаваат и следат филмската уметност и индустрија, добро знаат дека тој е тоа што е Меси или Роналдо во фудбалот. Иако можеби некои таквото мое мислење нема да го делат, сепак лично мислам дека поголема ѕвезда од него во филмот во моментов нема. Тој е кинематограф број 1 во светот, кој во својата исклучително богата филмска кариера снимил голем број значајни остварувања од светската филмска уметност, меѓу кои филмовите ’Талентираниот господин Рипли’, ’Друштво на мртвите поети’, ’Сведок’, ’Лудиот Макс’, а добитник е на ’оскар’ за филмот ’Англиски пациент’. Затоа, да се тврди дека во Битола годинава немало ѕвезди на фестивалот навистина мене ми изгледа смешно“, објаснуваше Роберт Насков.
Неговото мислење го дели и директорот на фестивалот Благоја Куновски, кој откако го презеде директорското место на „Браќа Манаки“ одлучи да им го врати фестивалот на кинематограферите, за кои всушност тој почна да се организира.
„Овој фестивал се одржува во чест на браќата Манаки, кои се први кинематографери на Балканот и на него се цени и вреднува работата на кинематограферите, тие што со своите камери и подвижни слики практично го прават филмот и кои од многу просечни или анонимни артисти направиле ѕвезди. Мене ме чуди зошто некои медиуми постојано го истакнуваат тоа зошто наводно немало ѕвезди на фестивалот како порано. Па, поголеми ѕвезди од овие што ги доведовме во Битола од областа на кинематографијата нема во светот. Тие се број 1 во филмската уметност“, изјави Куновски.
И навистина, сега кога кинематограферите повторно си го вратија фестивалот и кога по долги години пауза се најдоа пред, а не зад камерите, и кога љубителите на филмот во Битола имаа можност да се запознаат и лично со нив, а не само да читаат за нивните филмски остварувања, се чини дека конечно фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ е тоа што е.
Дојде времето во Битола кинематограферите повторно да бидат ѕвезди, тие што со своето око и уметничка дарба прават од другите ѕвезди. Би додале, годинава тие во Битола се вистински ѕвезди, но не само по тоа што го создале на филмското платно, туку и по својата исклучителна скромност.
Автор: Менде Младеновски