Стресот и брзиот начин на живот влијае и на тинејџерите. Дури 11,7 проценти од младите средношколци употребуваат седативи, покажува најновото истражување на Институтот за јавно здравје, што е речиси двојно повеќе од европскиот просек.
Единаесет отсто од нив, земаат седативи на своја рака, без консултација со доктор.
Процентуално апчиња за смирување повеќе употребуваат девојчињата – 13,3 %, а машките 8,7 отсто.
Од друга страна пак, се намалува употребата на дрога и алкохол меѓу учениците, велат надлежните додавајќи дека се уште алармантен е фактот дека децата кои консумираат алкохол, рекле дека пијат се додека не се опијат.
Пушењето цигари е еден од главните ризик фактори за нарушување на здравјето и причина број еден за предвремена смртност кај населението.
Ако во 2002 година, дури 23,6 проценти од младите на возраст меѓу 13 и 15 години биле пушачи, пред 6 години, овој процент се намалил на 9,8 отсто. Истражувањето спроведено оваа година покажало дека само 7,6 проценти од децата на таа возраст пушат цигари.
73 проценти од тинејџерите пушачи, одговориле дека цигари купуваат сами во продавница, а речиси 80 отсто не биле спречени од страна на продавачите да си купат кутија цигари.