Министерот за надворешни работи Никола Димитров денес ја оствари првата средба со амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Самуел Жбогар.
На средбата министерот Димитров ја потенцираше подготвеноста на Владата за целосен ангажман во имплементација на клучните реформи со цел на краток рок да се отвори патот за обновување на препораката за почеток на пристапните преговори, соопшти Министерството за надворешни работи.
Биле разгледани претстојните поважни активности од европската агенда.
– Придвижувањето на евроинтеграциските процеси ќе овозможи отворање на дискусија за донесување одлука за почеток на пристапните преговори, како чекор кон остварување на стратешката цел на Македонија, членство во Европската Унија – велат од МНР.
На средбата била искажана заедничка подготвеност за динамична соработка во насока на остварување на овие цели.