Наредната недела ќе се објави тендерот за изградба на дистрибутивната мрежа на природен гас за останатите два региони во Македонија. Тендерот ќе се однесува на Источна и Централна Македонија, а инвестицијата за него изнесува 28 милиони евра, и регионот за Западна Македонија и Пелагонија, за кој предвидена е инвестиција од 23 милиони евра.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска истакна дека јавниот повик ќе трае околу 60 дена.
-Нашата цел е гасификација на целата држава. Веќе е започната постапката во скопскиот регион кој опфаќа 17 општини и продолжување во останатите 63 општини, односно 37-те општини од Централна и Источна Македонија и 26-те општини од Западна Македонија и Пелагонија, рече тој.
Заинтересираните компании треба да имаат искуство во изградбата и работата со системи за природен гас, системите за гас да имаат најмалку 7.000 корисници, а минимален приход на ниво на година, кој фирмата треба да го има остварено во последните три години треба да биде 20 милиони евра.
Приватниот партнер треба во рок од четири години да изгради најмалку 70% од предвидената мрежа, а 51% во приоритетните општини.