Don't Miss
Home / Uncategorized / Се пишуваат решенијата за притвор

Се пишуваат решенијата за притвор

 Поминаа 24 часа откако кутиите полни со обвиненија и доказниот материјал СЈО ги внесе во скопскиот кривичен суд. Но одлука дали некој од обвинетите виски функционери ќе оди во притвор досега нема. „Одлуките се пишуваат, некои се донесени, некои не. Сè додека не се потпишат и не се достават до странките не може да се знае”.

Вака одговори в.д претседателот на судот Стојанче Рибарев во врска со решенијата на кривичните совети во судот по барањата од СЈО за определување притвор и други мерки на претпазливост. Подоцна судот како да побара поголемо разбирање, па соопшти: судиите и кривичните совети разгледуваат обемен доказен материјал за голем број предлози па откако ќе одлучат прво ќе ги известат обвинетите.

„Со оглед на фактот дека по донесување на одлуките, за сите предлози,треба прво да бидат писмено изработени и доставени до странките во постапката, по завршување на целокупната процедура, за која не може да се предвиди колку време може да трае, јавноста веднаш ќе биде информирана за донесените одлуки на Кривичните совети“, велат  од Кривичен.

СЈО бара притвор за екс премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиевски, Елизабета Канчевска Милевска и други високи функционери во неговата партија обвинети за неколку кривични дела. Со обвиненија се опфатени и функционери од ДУИ , Ејуп Алими и Исмет Гури.

Специјалната обвинителка Катица Јанева и денеска повтори дека стои зад поднесените обвиненија.

„Очекувам Судот професионално да си ја заврши својата работа, непристрасно и согласно Законот. А ние како СЈО, ќе ги искористиме сите законски инструменти да влеземе во судница и да ги спротиставиме нашите аргументи и докази со обвинетите во нашите случаи“, раче Јанева.

Додека кривичните совети одлучуваа, неколку часа булеварот пред скопска единица беше блокиран – протест против како што велат неоснованите обвиненија кои ги поднела Катица Јанева. Меѓу нив беше и Ангеле Зафировски – Бате Геле еден од условно осудените за насилствата во собранието на 27 април. Не криеја дека се дојдени како партиска поддршка.

Специјалното обвинителство покрена 17 нови обвиненија за 18 предмети против вкупно 94 физички и 7 правни лица, некои високи функционери на доскорешната власт. Се бара притвор за 18 а мерки за претпазливост за 47 лица. Со ова Специјалното обвинителство даде уште три години простор за судска разрешница на делата за кои се слушна во прислушуваните телефонски разговори на илјадници луѓе во Македонија.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*