Во периодот на енергетска трансформација кон целосно зелено сценарио, државната енергетска компанија АД ЕСМ – интензивно работи на елиминирање на набавката на јаглен за потребите на РЕК „Битола“ каде што овој енергенс учествува со околу 50 отсто во производствената цена на електричната енергија.

Експлоатацијата на јаглен и во близина на Живојно, Битолско, кое се наоѓа во непосредна близина постоечките 2 рудника на најголемиот енергетски комплекс во Македонија, претставува единствено решение за потребите на Компанијата за комплетно покривање на потребите од овој енергенс -од сопствено производство.
Деталните и долгогодишни геолошки истражувања потврдуваат значителни резерви на висококвалитетен јаглен на таа локација во непосредна близина на ТЕ Битола. Врз основа на овие испитувања, изработена е обемна рударско-техничка документација која ја потврдува техничката изводливост и економската оправданост за отворање на современ рудник. Во услови на високи цени на електричната енергија на меѓународните берзи, обезбедувањето стабилно и економски исплатливо домашно производство на краток рок е врвен национален приоритет.

Соочувајќи се со предизвиците во снабдувањето со јаглен од постојните извори и компликациите поврзани со увозот, потребата за ефикасно, ефтино и еколошки поприфатливо решение од домашни извори станува клучна за стабилен енергетски систем.
Во актуелниот контекст на високи цени на енергијата во Регионот и Европа, гарантираното домашно производство е императив за одржливо производство на енергија од базни извори.
При преземањето на компанијата, актуелното раководство на ЕСМ затекна производствена цена во РЕК „Битола“ од високи 137 евра за мегаватчас. Поставувајќи за цел драстично намалување и поефикасно производство, компанијата успеа да ја намали цената на 82 евра за мегаватчас во првиот квартал од 2025 година. Иако ова претставува значителен напредок, цената е сè уште повисока од регулираната цена на ЕСМ од 62 евра за мегаватчас, по која се продава електрична енергија на ЕВН Хоум.
Од ЕСМ потенцираат дека отворањето на рудникот Живојно ќе биде клучен фактор за дополнително намалување на производствената цена во РЕК Битола. Новото раководство на Компанијата затекна висока зависност од увоз на јаглен.

Повеќе од 2 милиони тони или 40% од потребите за РЕК Битола -треба да бидат набавени од надворешни извори, што на краток и на среден рок се оценува како економски неприфатливо и неодржливо решение.
Обезбедувањето јаглен од локални извори како Живојно, кои ги задоволуваат потребните параметри за РЕК Битола, е логичен и стратешки чекор за непречено производство на електрична енергија до целосниот премин кон зелено сценарио.
Експлоатацијата ќе овозможи економски исплатлив транспорт и понизок јаглероден отпечаток во споредба со увозот.
Воедно, тоа ќе и овозможи на Компанијата и целосна финансиска консолидација, која на среден и долг рок ќе овозможи значајни средства за инвестиции во нови проекти од обновливи извори како и во еколошки средства и мерки за унапредување на квалитетот на непосредната животна средина.