На десетти април 2016 година, во спортската сала на ОУ “Ѓорѓи Сугарев” – Битола, со времетраење од шест часа се одржа традиционалниот годишен изборен турнир на Академијата за боречки вештини “ЗА НЕД ДО” од Битола.
-Април е месец на чиј почеток ние традиционално ја правиме првата селекција на најдобрите наши натпреварувачи по дисциплини и тоа ни е смерница за составување на тимови кои ги компарираме со настаните од календарот за меѓународни турнири и натпревари – изјави Златко Неделковски, основач на Академијата.
На турнирот учество зедоа над 150 натпреварувачи кои својата подготвеност ја презентираа во четири категории: борби (семи и лајт контакт, кик бокс и фул контакт како и борби во ТФС – ЕСД), демонстрации со традиционално оружје, демонстрации на самоодбрана и техники на кршење.
-Денес имаме огромен број натпреварувачи од кои добар дел се натпреваруваа и во две или три категории така да таа бројка се дуплира во најмала рака. Оставаме простор секој да се докаже во она што смета дека е најдобар. Секако не изостануваат насоките од мајсторот и инструкторите кој за што е повеќе или помалку подготвен. Од овој турнир ние составуваме листа по категории и од тие натпреварувачи се повикуваат подобрите за подготовки и мини – турнири каде се формира тимот кој ја претставува академијата а со тоа и Македонија на меѓународни турнири и натпревари за календарската 2016 година – изјави Дијана Неделковска, главен тренер во Академијата.
Традиционалниот годишен изборен турнир на Академијата за боречки вештини “ЗА НЕД ДО” воедно е почеток на макотрпната работа за формирање на финалниот селекционен тим за престојното светско првенство за 2016 година.
-Ова е најдобар начин и ние како инструктори и тренери, но и самите натпреварувачи па и нивните родители да видат кој ученик на кое ниво е. Не секој е натпреварувач. Но и не секој кој рекреативно се занимава со овој спорт и вештина е спречен да стане нешто повеќе. Се е тоа основа на методологија – педагогија и волја при работа со учениците. Денес право на учество имаа сите членови на Академијата. Ова е нешто сосема друго за разлика од традиционалните полагања и напредување по степен на знаење. Тука во преден план доаѓа чистината на техниката и талентот. Овој априлски традиционален годишен изборен турнир од година во година зазема се поголеми димензии на посетеност. Она на што сме ние горди како тренери и инструктори е желбата на самите ученици за учество – истакна Златко Неделковски.
Медали добија сите. Тоа е заедништвото по која е позната оваа академија, дипломи исто така, иако најбитно сепак беше кој успех е забележан во нив.
Оваа година повторно е воведена и наградата “најдобар натпреварувач на турнирот” која се доделува по сегементите партиципација во повеќе категории и успехот остварен во истите.
Овој пехар годинава според бодовната листа замина во рацете на Христијан Котевски кој воедно е и двократен учесник и првак на светските првенства во 2014 година во Умаг – Хрватска и 2015 година во Хаген – Германија.
Б.В.