По повод Рождеството Христово-Божик, што денес го слават православните христијани, во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат божикни литургии, а централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи литургија на Св.Василиј Велики.
По повод Божик, тој заедно со Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, во кое се вели:
„Овој празник е денот на исполнетото време, на остварените пророштва и очекувања, празник – матица на сите празници. Без Рождеството немаше да го има Воскресението, но и без Воскресението немаше да се исполни Божјото вочовечување. Затоа Божик е празник на небоземната радост – денот кога сите битија Го слават Бога и се радуваат на спасоносниот настан!“.