Се до пред извесно време архимандритот Партениј беше речиси “ анонимен “ за пошироката битолската јавност. Но откако тој го доби највисокото признание за трајни вредности на Битолски весник, тој практично не е само божји слуга, туку божјо чедо од кој голем број млади спасот од суровата земска реалност го бараат во неговите божји проповеди во Манастирот Св. “ Јован Бигорски “
Во пресрет на големиот празник Велигден специјално за порталот на Битолски весник го пренесуваме интервјуто кое архимандритот Партениј го даде за Битолски весник.
– Јас, сѐ што правам правам за слава на Бога и од љубов кон Него, а сигурно во очите на Бога тоа е толку малку. Како монах јас потполно сум се предал на Црквата, сите мои планови и надежи сум ги положил пред Божјиот Престол. Верувајте, како христијанин никогаш не очекувам признание од луѓето, туку само од Бога, бидејки сум научил дека христијанинот треба постојано да се дава себеси во служба на Бога и ближниот, не барајки за тоа никаква награда и надокнада. За тоа Апостол Павле убаво нѐ поучува, кога вели: „Поблажено е да се дава, отколку да се зема”.Вистинскиот монах треба да избегнува да зборува добро за себе, а секако и да ги избегнува пофалбите од другите. Па бидејки јас се определив да се прибројам кон светиот собор на монасите, ќе избегнам било што да кажам за мене, но ке го кажам тоа дека „само за едно Го молам Господа и само тоа го сакам, да останам во дворовите Господови”, да Му останам верен до крајот на животот и да Му послужам, според Неговата света волја, за мое спасение, за полза на Црквата и на татковината, ни рече на почетокот од разговорот архимандритот Партениј.
За архимандритот Партениј велат дека многу придонел да ги отгрнете младите од злото на дрогата.
Црквата заедница на љубовта
– Самиот збор Црква значи заедница, а тоа е заедница на љубовта. Во овој денес толку суров свет на секој човек му е повеќе од потребна вистинска љубов, која сама по себе претставува лек за неговата душа. Кога денешниот човек ќе се сретне со вистинската љубов во Црквата кај него настанува будење – најпрвин доаѓа интересот за Бога, па покајание и конечно човекот почнува да ја согледува вистинската смисла на животот. Слично нешто се случува со младите луѓе кои доаѓаат да се лекуваат во нашиот манастир. Тие кај нас се срекаваат со искрена пожртвуваност и љубов, па бидејки особено трогнати од сознанието дека сѐ овде се прави единствено од сочувство и грижа, без никакви материјални придобивки, се отвараат како личности и се трудат во целост да се интегрираат во монашката заедница. Некои од нив се можеби избркани од дома, некои имаат кривично досие, но ние не ги селектираме, сите оние што тропнале на нашата врата и искрено побарале помош, не биле одбиени. Зашто така правеше и нашиот Спасител. Он не ги отфрлаше грешниците кои се каат, туку со Неговата божествена љубов го примаше нивното покајание и тие од грешници стануваа Христови следбеници и проповедници на радосната вест за спасението на светот. Во оваа работа на почетокот потребно е огромно трпение и љубов, посебно во првиот месец од апстиненцијата и периодот пред првата исповед, бидејки иако тие доброволно дошле да се лекуваат во манастирот, сепак потребно е време да се изгубат лошите навики стекнати од овој порок. Со оглед на тоа дека во манастирот секогаш има околу дваесетина, понекогаш и триесет деца, од кои само три до пет се новодојдени, постарите и поискусни од нив им помагаат на новите полесно да го поминат тој прв период, па за таа цел доброволно остануваат и подолго во манастирот, иако веќе се излечени. Сите методи на лекување во нашиот манастир се од духовен карактер. Тука особено значење имаат постојаните духовни разговори и исповедта, богослужбите, причесната, заедничките трпези проследени со духовни поуки и секако, различните послушанија кои децата ги работат заедно со монасите од нашето братство. Сѐ ова овозможува децата потполно да се отргнат од пороците и да станат здрави и нормални личности.
Како младите да се ослободат од дрогата
Иако архимандритот Партениј нема некој посебен рецепт за да ги отргне младите од злото на догата, сепак тој вели:
– Човекот е создаден од Бога да биде слобден, и заради тоа тој има еден постојан стремеж кон слободата. За жал, тој слободата ја злоупотребува кога ги задоволува своите егоистични страсти, без да знае дека така всушност ја губи својата слободна воља, и слободата воопшто, станувајки роб на тие страсти и творејки го она што не е полезно за него. Св. Апостол Павле вели: „Сѐ ми е позволено, но не ми е сѐ од полза”. И уште додава: „Стојте во слободата, во која ве ослободи Христос”, што значи дека човекот единствено живеејки со Бога во Христа, може да биде вистински слободен. Само Он го има вистинскиот рецепт, како човекот да се ослободи од своите погубни страсти и пороци, како да се оттргнува од злото и да се прилепува кон доброто. Затоа, на сите млади им препорачувам, доколку сакаат вистински да се радуваат во животот, да ја отворат вратата на своето срце за Христос , кој постојано чека пред него за да влезе.
Причината за целото зло во светот се наоѓа внатре во човекот, односно во неговата безбоженост. Безбожниот човек, убивајки го Бога во себе, станува сластољубив егоист, едно несреќно суштество кое ја изгубило вистинската смисла на животот, а со тоа и вистинските морални вредности. Како последица на ова, за жал, и денешното модерно општество, кое сѐ повеке е заедница на вакви обезбожени индивидуи, забрзано се претвора во едно сурово место за живеење. Во ваквата бесмислена реалност, изградена врз темелите на безбожниот светоглед, младиот човек бара излез. А вистинскиот излез единствено е преку стекнување на правилен светоглед, заснован на вера во Бога, и на тој начин вракање кон вистинските морални вредности, вели архимандритот Партениј.
Зборувајки за враќањето на народот кон Црквата и се поголемата верба во Бога, архимандритот Партениј вели:
-Комунизмот ги постави темелите на денешниот атеизам, односно ја уби верата во Бога кај поголемиот дел од нашиот народ. Така што, причината за сегашниот морален пад не е транзицијата, туку, воопшто, погрешниот начин на живот на луѓето, проследен со искривени критериуми за моралните вредности, кој својот почеток го има во комунизмот. Од друга страна, пак, со ваква духовно морална криза денес се соочува скоро целиот модерен свет, особено Западна Европа. Во нашето општество постојат многу предрасуди во однос на верата и Црквата. Кај повекето луѓе верата се практикува крајно формално, а од таквата вера човек нема никаква корист, бидејки слободно можам да кажам дека е сведена на еден примитивизам, каде најмногу преовладуваат народните обичаи и празноверија. И доколку некој би почнал да ја практикува верата на вистински начин, тој веднаш се соочува со проблеми од околината. Стапува на сцена малограѓанско оговарање дека тој наводно е занесен, затоа што почнал во недела да оди во Црква, да чита духовна литература итн. За него се зборува дека ќе стане затворен, ке ја изгуби својата слобода и нормален живот, но слава на Бога, полека излегуваме од ова клише на размислување – да го наречам посткомунистичко и транзициско. Моите чеда секогаш ги поучувам да сведочат за Бога секаде и на секое место, во кафулињата, дискотеките и на сите места каде младите се забавуваат, бидејки и тие, како нормални млади луѓе сакаат забава, но од друга страна, како христијани ги учам дека треба да имаат мерка во сѐ и да бидат пример на сите за вистинска љубов, пожртвуваност и другарство. Да се радуваат вистински на животот, да ги прифакаат сите предизвици што тој им ги носи и на вистински начин да се справуваат со нив, бидејќи секој христијанин треба да биде пример во доброто и светлина на светот.
За состојбите во Македонската православна црква Партениј вели
-Живееме во општество на паднати морални вредности. Денес кај нас постои една тенденција одредени структури во општеството, на еден многу поперфиден начин отколку во комунизмот, да се борат со сите сили против верата во Бога и Црквата. Со ова не сакам генерално да ги оправдам сите негативни случувања, ако има такви во Црквата, туку да напомнам дека во многу случаи овие афери се пренагласени и погрешно т. е. злонамерно претставени во јавноста. Но треба да се знае дека Црквата е заедница која го опфака и клирот и народот, значи сите сме нејзини членови. Треба сите едни за други да се молиме за да излеземе како победници над злото, кое на сите подеднакво ни се заканува, бидејки сите сме луѓе со слабости. Потребна ни е соработка со Бога за да можеме да одолееме на сите соблазни, ни рече архимандритот Партениј.