Don't Miss
Home / Економија / Битола добива современ Градски пазар

Битола добива современ Градски пазар

Не само што пазарот ќе добие нов современ лик, туку и ќе се зголеми неговиот капацитет, кој во претходниот период беше претесен да ги прими сите заинтересирани што сакаа таму да ги продаваат своите производи, па во недостиг од продажен простор голем дел од земјоделските и градинарските производители, прекупците и накупците, производите ги продаваат по тротоарите

Дамнешната желба на битолчани и жителите од пелагонискиот регион, Битола да добие современ градски пазар, кој ќе ги задоволува не само просторните услови, туку и сите еколошки стандарди, наскоро ќе стане реалност. Со вложување сопствени средства во висина од 1,5 милион денари, како и финансиска поддршка од Центарот за развој на пелагонискиот плански регион, Бирото за регионален развој на Република Македонија, како и локалната самоуправа на Битола, деновиве почна целосната реконструкција на Градскиот пазар.

Со проектот се предвидува негова целосна и темелна реконструкција. Треба да се истакне дека пазарот има регионален карактер, бидејќи го користат не само битолчани, туку и производителите и купувачите од повеќе општини од пелагонискиот регион како: Новаци, Могила, Демир Хисар… Со неговата реконструкција се планира изградба на шест нови павилјони, поставување целосно нова покривна метална конструкција, изработена од термоизолационен лим, како и поставување 84 нови тезги за продажба на градинарски култури, овошје, зеленчук, а еден дел од пазарот ќе биде наменет и за продажба на текстилни производи. Наедно, со овој проект се предвидува и изградба на плато, со површина од 770 м2, кое ќе биде поплочено со бекатон-плочки, а ќе биде изработена нова канализациона мрежа и нова електрична инсталација со комплетна опрема и светлосни тела.

На тој начин не само што пазарот ќе добие нов современ лик, туку и ќе се зголеми неговиот капацитет, кој во претходниот период беше претесен да ги прими сите заинтересирани што сакаа таму да ги продаваат своите производи, па во недостиг од продажен простор голем дел од земјоделските и градинарските производители, прекупците и накупците, производите ги продаваат по тротоарите на улицата Иван Милутиновиќ.

– Реконструкцијата на централниот градски пазар беше и повеќе од потребна. Стариот пазар, поради дотраеноста не само што не ги задоволуваше основните стандарди за продавање храна и земјоделски производи, туку беше целосно руиниран и амортизиран. Благодарение на разбирањето на локалната самоуправа на Битола како и деветте општини од пелагонискиот регион, кои едногласно ја поддржаа иницијативата за темелна реконструкција на градскиот пазар, се реализира овој проект, кој ќе не чини над 6 милиони денари, средства што ние самите, како јавно претпријатие не можевме никако да ги обезбедиме – вели првиот човек на ЈП „Пазари“ во Битола, Сашко Стаматов.
Според директорот, со реконструкцијата на Градскиот пазар, на обострано задоволство на самите продавачи и купувачите, како и за граѓаните на пелагониските општини, во целост ќе се смени функционалноста и ликот на пазарот и тој ќе биде еден од најубавите и најфункционални во државата.

Инаку,  за реконструкција на централниот градски пазар во Битола поддршка дадоа градоначалниците на сите  девет општини од пелагонискиот регион, кои едногласно гласаа да се издвојат средства од Бирото за локален економски развој за негова целосна реконструкција.

Тоа што особено ги радува закупците на тезгите во централниот градски пазар е што и покрај тоа што тезгите што ќе ги имаат на располагање ќе бидат целосно нови и современи, цените за нивен закуп ќе останат исти.

– Како јавно претпријатие имаме целосно разбирање за економската моќ на продавачите што ги користат услугите на пазарот, па затоа цените што ќе им ги наплаќаме за закуп на новите тезги остануваат исти како и досега – вели директорот на ЈП „Пазари“, Стаматов.

Со реконструкцијата на стариот градски пазар, кој се наоѓа во централниот дел на Битола, како и преземањето на новиот пазар, лоциран во нова Битола, од концесионерот „Полимер“, кој замина во стечај, Битола ќе се стекне со два речиси нови современи пазари, со кои ќе стопанисува јавното претпријатие.

 

 

Автор: Менде Младеновски

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*