Don't Miss
Home / Спорт / Битолчани во шок, ФК Пелистер второлигаш

Битолчани во шок, ФК Пелистер второлигаш

Пелистер второлигаш! По поразот од Турново во Прилеп, Пелистер ги загуби и теоретските шанси да се спаси од испаѓање во Првата фудбалска лига.
Веста за испаѓањето на Пелистер од Првата лига, во Битола одекна посилно од т.н. “бомби” на Заев и буквално ги шокира битолчани, а посебно навивачите на клубот, популарните “чкембари”, кои сеуште не можат да сфатат дека нивните миленици од идната фудбалска сезона ќе се натпреваруваат во Втората фудбалска лига.
Иако во фудбалската јавност се зборува дека “има шанси” да спаси Пелистер од испаѓање од Првата фудбалска лига, бидејќи наводно клубот ќе се фузирал со екипата на Царев Двор од Ресен, која се избори за прволигаскиот статус, сепак во Битола никој не верува во тоа.
Иако пред почетокот на пролетниот дел од првенството, по продажбата на клубот на сопственикот на фирмата “Цермат”, Зоран Ристевски и ангажирањето на еден до најуспешните македонски тренери Ѓоко Хаџиевски, Пелистер влезе со големи амбиции во првенството, сепак се случи најлошото.

Пелистер не само што не се избори за излез на меѓународната фудбалска сцена, туку испадна и од Првата лига.
По поразот во Прилеп од Турново, по кој Пелистер ја пропушти и последната теоретска шанса за спас од испаѓање, во Битола никој не сака да коментира за тоа кои беа причините за испаѓањето на клубот.

Освен на социјалните мрежи, каде навивачите на Пелистер го истурија целиот свој гнев за неуспехот на клубот, никој друг не сака да коментира за новонастанатата состојба.

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*