Home / Економија / Бизнисот и граѓаните заложници на политичката криза

Бизнисот и граѓаните заложници на политичката криза

– Одолжувањето и ескалирањето на политичката криза може само да ги продлабочат постојните негативни ефекти што таа ги предизвика врз работењето на компаниите, но и врз животниот стандард на граѓаните. Ризиците што ги носи политичката нестабилност се феномен на поврзани ефекти што се манифестираат преку воздржаност на домашните и на странските компании, целосно замрзнување на нивните инвестициски планови и откажување на веќе почнатите проекти, влошување на кредитниот рејтинг на земјата, ограничување на кредитните линии од странство, зголемување на каматите на кредитите за бизнис-секторот и граѓаните, колапс на цените на недвижнините и намалување на активностите на берзата, дополнително зголемување на беспарицата, односно намалување на парите во оптек, зголемување на невработеноста, намалување на куповната моќ на граѓаните… – Сето ова на макроекономски план можно е да резултира со намалување на предвидената стапка на економскиот пораст во земјава, на што веќе предупредија од Народната банка. Анализата на „Нова Македонија“ на актуелната состојба преку консултација со бизнисмени и реномирани економски експерти го отвори прашањето дали се задоцнети предупредувањата од Народната банка.

 

Политичката криза, која се чини дека од ден на ден кулминира, а која почна уште во првиот месец од годинава, веќе се чувствува речиси во сите сектори во домашната економија, а нејзиното одолжување и ескалирање може само да ги продлабочат постојните негативни ефекти врз работата на компаниите, но и врз животниот стандард на граѓаните. Ризиците што ги носи политичката нестабилност отвораат маѓепсан круг на поврзани ефекти што се манифестираат преку воздржаност на домашните и на странските компании, целосно замрзнување на нивните инвестициски планови и откажување на веќе почнатите проекти, опасност од влошување на кредитниот рејтинг на земјата и ограничување на кредитните линии од странство, зголемување на каматите на кредитите за бизнис-секторот и граѓаните, дополнително зголемување на беспарицата односно намалување на парите во оптек, зголемување на невработеноста, намалување на куповната моќ на граѓаните… Сето ова на макроекономски план можно е да резултира со намалување на предвидената стапка на економскиот пораст во земјава, на што веќе предупредија од Народната банка. Анализата на „Нова Македонија“ на актуелната состојба преку консултација на бизнисмени и реномирани економски експерти го отвори прашањето дали се задоцнети предупредувањата од Народната банка?

ЗАДОЦНЕТО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ?

 

Мендерес Кучи, претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија, смета дека изјавата на гувернерот Димитар Богов доаѓа со задоцнување.
– Одредени проблеми или кочници се чувствуваат уште во почетокот на годината. Ситуацијата на економски план е непожелна. Настаните секако дека се одразуваат врз економските случувања, но исто така сегашната состојба во економијата е резултат на ефектите од дејствата на владите наназад, не само на последните случувања. Актуелните состојби уште повеќе ќе се одразат врз економијата. Ова е плафонот, врвот на случувањата – вели Кучи.
Тој додава дека странски инвеститори веќе ги откажуваат своите инвестициски планови, дека беспарицата се продлабочува и дека компаниите допрва ќе имаат проблеми да ги враќаат кредитите.
– На пример, договаравме соработка со веќе познат странски инвеститор, но тој поради случувањата, веројатно и од информации што ги добил од тука, се премисли и реши да ја стави во мирување одлуката за нова инвестиција, поради што е очигледно дека политичките превирања имаат негативен одраз врз стопанството – вели Кучи.
Тој додава дека Владата мора да преземе мерки да се надмине состојбата и земјата да излезе од оваа ситуација.
– Ние веќе ги споделивме нашите видувања со владините претставници, знаете дека имавме бизнис-средби на кои укажавме дека има проблеми и дека се потребни мерки за нивно решавање. Се наоѓаме во беспарица, па уште коа ќе дојде термин за плаќање на долговите, односно намирување на кредитите, било тука, било во странство, ќе биде уште потешко – вели Кучи.

 

ПРОЕКТИТЕ ЌЕ ОСТАНАТ ВО ФИОКИТЕ

Според Антони Пешев, претседавач на собранието на Стопанската комора на Македонија, изјавата на гувернерот на Народната банка е сериозна и треба сериозно да се земе предвид.
– Тој даваше акцент дека има намалување на депозитите од страна на претпријатијата, што значи дека компаниите почнуваат да ги трошат резервите што ги создавале досега. Сепак, треба да се нагласи дека одразот од политичката ситуација ќе се види во шестмесечните анализи, но ако еден квартал има стагнација, тоа ќе се одрази во наредниот квартал. Во овој период на политички случувања и активноста на буџетот како учесник во прометот е намалена. Доколку набргу не заврши состојбата, најверојатно е дека ќе биде ревидирана стапката за пораст на економијата поради намалената активност и внимателност во работењето кај претпријатијата – вели Пешев.
Претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, вели дека за бизнис-секторот секоја нестабилност во државата, било да е таа политичка или не, не е добра. Таа додава дека доколку политичката криза се провлече на подолг рок, последиците може да бидат поразителни.
– Најважно е тоа дека во ситуација на криза проектите ќе останат во фиоките и никој нема да пристапи кон развојните компоненти – истакна Арсовска.
Таа нагласи дека економијата е жива материја, која зависи не само од актуелните случувања во бизнисот туку и од актуелните случувања во политиката.
– Во овој момент не можеме да кажеме ништо повеќе, освен дека во овој случај не е добра политичката нестабилност во државата и оти нe би сакале да бидеме оние што ќе ги видат негативните резултати во периодот што следува – додаде Арсовска.

 

НАМАЛУВАЊЕ НА РАБОТНИТЕ МЕСТА И НА КУПОВНАТА МОЌ

Здравко Савески од левичарското движење „Солидарност“ вели дека изјавата на гувернерот на Народната банка е многу сериозна работа и дека тоа е последниот аларм што укажува дека ваквата состојба може да има импликации врз економијата. Според него, политичката нестабилност подразбира одложување на планираните вложувања и чување на парите.
– Тоа ќе значи дека ќе се намалат работните места и оптекот на пари во економијата, а тоа негативно ќе се одрази врз граѓаните. Од друга страна, пак, Владата дава серија буџетски мерки врз основа на однапред планиран буџет. Една од варијантите за да се реализираат сите мерки е печатење пари, што пак ќе влијае врз инфлацијата – вели Савески.

 

Според Марјан Петрески, професор на Американ колеџ, политичката нестабилност несомнено може да се одрази врз економијата.
– Главно, во услови на неизвесност, странските инвеститори би ги одложувале своите одлуки за инвестирање, а и домашните фирми би се воздржувале од носење позначајни одлуки. Оттука, доколку политичката неизвесност продолжи, има сериозен ризик проекциите за солиден економски пораст за оваа година да бидат доведени под прашање, односно да има потреба од нивна надолна ревизија.
Никола Велковски од градежната комора при Стопанската комора на Македонија вели дека, генерално, кај што има нестабилна политичка состојба и бизнисот е лош.
– Сите бегаат од нестабилни ситуации и затоа не е добро да има несогласување во политичката сфера. Ваквите ситуации уште повеќе ја влошуваат сликата пред странските инвеститори што се подготвени да инвестираат и кои поради вакви ситуации може да ја стопираат инвестицијата или да се откажат од неа.
Па дури има ситуации кога и домашните инвеститори што сакаат да вложат поголема сума, да се премислат и да чекаат стабилизирање на состојбите.
Нестабилната политика ја слабее економијата, со што се намалува и куповната моќ на граѓаните, што делумно влијае и врз одлуките за купување станови, но не толку директно, бидејќи сепак тоа е животно прашање – вели Велковски.

 

Какво е влијанието врз странските инвестиции?

 

Аналитичарот Сем Вакнин вели дека кога станува збор за влијанието на политичката криза врз одлуката на странските компании да инвестираат во Македонија треба да се направи разлика меѓу три вида компании: мултинационални гигантски компании, помали (семејни) компании и фирми на иселеници од македонската и албанската дијаспора.

Сем Вакнин

Сем Вакнин

– Мултинационалните големи компании своите планови за инвестирање ги прават на подолги периоди од 5 до 15 години и политичката криза нема да влијае врз нивната одлука за инвестирање, со оглед на тоа што тие се навикнати да работат во повеќе земји насекаде во светот, во држави во кои постојано има политичка нестабилност, како на пример африканските земји, па дури и во земји во кои има граѓанска војна – вели Вакнин.
Тој додава дека политичката криза дефинитивно ќе влијае врз плановите за инвестирање на помалите странски компании.
– Тие најверојатно ќе ги замрзнат, одложат или ќе ги откажат своите инвестиции или плановите за проширување и ќе ги пренасочат во другите земји од соседството, бидејќи не се доволни моќни да ризикуваат да ја загубат инвестицијата. Таква загуба би предизвикала огромен удар врз нивното работење, а за некои од нив тоа би можело да значи и целосно згаснување на бизнисот – вели Вакнин.
Кога станува збор за инвестициите од иселениците, Вакнин вели дека тоа се помали проекти од локален карактер, кои најмногу се базираат на роднинска поврзаност или блискост со одредена политичка група на општинско ниво и тоа е пресудно за нивните одлуки за инвестирање.
– Од друга страна, продолжувањето или ескалирањето на политичката криза ќе има негативно влијание врз пазарот на недвижности, каде што е можен колапс на цените, како и врз активностите на берзата со оглед на тоа што ваквата нестабилност ги зголемува ризиците и предизвикува воздржаност – вели Вакнин.

 

Негативни ефекти:

– помал економски пораст
– влошување на кредитниот рејтинг на земјата
– воздржаност кај компаниите
– одложување на инвестициите на домашните и на странските компании
– намалување на парите во оптек, односно зголемување на беспарицата
– ограничување на кредитните линии од странство
– зголемување на каматите на кредитите за бизнис-секторот и граѓаните
– воздржаност на берзата
– намалување на куповната моќ
– колапс на цените на недвижнините

 

На што предупреди Богов?

 

Актуелната политичка состојба може да влијае на порастот на економијата, посочи завчера гувернерот на Народната банка на Македонија, Димитар Богов, кој истакна дека доколку ваквата ситуација продолжи на подолг период, ќе има негативни ефекти.

Гувернерот Димитар Богов

Гувернерот Димитар Богов

– Во проекциите, покрај надворешниот, се зема предвид и внатрешниот амбиент, односно надворешните и внатрешните ризици. Секако дека ги земаме предвид и најновите случувања во политиката на домашен терен, кои се фактор на ризик што би имал негативни ефекти доколку целата ситуација продолжи подолг период – појасни Богов.
Во однос на проекциите за економски пораст за 2015-та што ќе ги објави НБМ во првата недела од мај, гувернерот истакна дека сѐ уште е неизвесно дали ќе останат на истото ниво од октомври минатата година, кога банката проектираше пораст на економијата од 4,1 отсто.
– Условите што досега ги разгледавме и кои се како инпути во нашите проекции не се многу променети од октомвриската проекција, кога предвидовме пораст на економијата од 4,1 отсто во 2015 година. Кај екстерните инпути дури има и некакво подобрување, бидејќи сега има подобри очекувања за порастот на европската економија, а тоа е многу значаен инпут за нашите производи и извоз – рече Богов.
За зголемувањето на внатрешното задолжување за финансирање на фискалната политика рече дека не очекува да предизвика позначителни ефекти врз порастот на економијата.
– Како инпут во нашите проекции го земаме задолжувањето на државата што е планирано во буџетот, од кое дел е планирано како надворешно, а дел како внатрешно. Може да има некои поместувања меѓу внатрешното и надворешното задолжување, но, во секој случај, тоа е нешто што го координираме со монетарната политика. Монетарната политика постојано се приспособува на тие движења и не очекувам некои позначителни ефекти од таквите евентуални промени во финансирањето на фискалната политика – изјави Богов.
Тој посочи дека монетарната политика во последните три години е доста релаксирана, а имаме и исклучително стабилен девизен пазар, исклучително низок дефицит во платниот биланс и ниска инфлација.

 

 

 

 

 

Текстот е преземен од Нова Македонија

Автори: Маја Трајковска/ Петранка Талеска

Фото: Игор Бансколиев

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*