По повод 1 Мај-Меѓународниот празник на трудот, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, испрати поздрав до сите работници во енергетскиот сектор- од рудниците, преку електростопанствата, до мрежите за пренос и дистрибуција на енергија.

„Почитувани работници на енергетскиот сектор! Почитувани рудари, енергетичари, техничари, инженери, геолози, електричари, оператори и сите што го движите срцето на енергетскиот систем- Ви го честитам 1 Мај, Денот на трудот, со длабока почит за тоа што секојдневно го вложувате. Без вашиот труд -нема струја, нема топлина, нема индустрија. Вие сте тие што ја носите енергијата до секој дом, под земја и на далновод, во смени, во тешки услови, и секогаш со одговорност.
Вие не сте само дел од системот- Вие сте силата што ја држи државата исправена, истакна Божиновска.
Вашиот предаден труд, инвестираната сила и познавање, како што нагласи министерката, се придвижувач на нашата економија и гаранција за енергетската стабилност на државата.
„Благодарение на вас, и во најтешките услови, енергијата не запира – ниту за домаќинствата, ниту за стопанството. Како министерка за енергетика, рударство и минерални суровини, ќе продолжам да се борам за подобри услови, за поголема поддршка, и за повеќе вреднување на секој чесен работник во нашиот сектор. Вашиот труд не смее да остане незабележан.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува силен партнер на секој енергетски работник и ќе продолжи да работи на креирање стабилна иднина на енергетскиот сектор.
Денес, на 1 Мај, ние го славиме вашиот труд -Вие сте оние кои ја прават разликата- напиша министерката Божиновска во Првомајската честитка.